„Керамија“ и гости од Штип и Битола

Во Петок, 4 Јули со почеток во 19.30 часот, на летната сцена од НУЦК „Марко Цепенков“ – Прилеп, ќе се случи концертна вечер исполнета со хармонија, традиција и современи музички интерпретации, публиката ќе има можност да ужива во настапите на три музички ансамбли: женскиот камерен хор „Керамија“ од Прилеп, Културно-уметничкото друштво „Стив Наумов“ – Битола и Градскиот камерен хор „Астибо“ од Штип.



Концертот претставува спој на хорска уметност, инструментални придружби и сценска изведба, со репертоар што опфаќа класична музика, етно мотиви и поп-аранжмани.

Домаќинките на овој настан, Женски Камерен Хор „Керамија“ ќе ја отвори вечерта со изведба на „Ave Maria“ од Виторио, со солистка Катерина Попоска. Потоа следуваат духовната композиција „Ubi Caritas“ од Ola Gjeilo и еврејската народна песна „Zum Gali Gali“, збогатена со инструментална придружба – Магдалена Ковилоска на флејта и Андреј Димоски на бонгоси. Во диско дух, хорот ќе ја изведе и „Mamma Mia“ од ABBA со соло изведба на Ане Чесноска, како и современата македонска композиција „Ли ду ду“ на Григор Копров

КУД „Стив Наумов“ од Битола ќе внесе фолклорен дух со македонски композиции и кореографии како „Тајно моја“ „Кољо гидија“ и „Голем чечкалица“ . Ритмичниот дел од нивниот настап ќе го сочинуваат интернационални парчиња – колумбиското „Bullerengue“ и популарниот хит „We Will Rock You“ во верзија на M. Brymer.

Градскиот камерен хор „Астибо“ од Штип ќе го заокружи концертот со „Химна на Св. Климент Охридски“ од Кирил Македонски, потоа „Кумановка 5“ од Трајко Прокопиев и македонската народна „Го пратиле дедо…“ во аранжман на Ивана Ѓурѓевиќ – Јанков. Своето интернационално лице ќе го покажат со „El Condor Pasa“ (Daniel Robles), романтичната „Historia de un amor“ и завршната „The Lion Sleeps Tonight“.

Настанот претставува вистинско музичко доживување кое спојува хорска традиција, младинска енергија и светски ритми – вечер посветена на гласот како инструмент, уметноста како дијалог и културното богатство на Македонија.

Слични Објави