|

Се опремува новата детска градинка во објектот на поранешниот Дом за доенчиња во Битола

Во објектот на поранешниот Дом за доенчиња и мали деца во Битола се врши интензивно опремување на новата детска градинка, која ќе започне со работа во септември оваа година.

Објектот е целосно реконструиран, со средства обезбедени од Министерството за социјална политика, демографија и млади и Општина Битола. Моментално се опремува со соодветен мебел и опрема – креветчиња, масички, столчиња, плакари, кујнска опрема, постелнина и ситен инвентар.

Новата градинка ќе биде клон на ЈОУДГ „Мајски цвет“ и ќе згрижува вкупно 80 деца, распределени во четири воспитно-згрижувачки групи: една јаслена група, една хетерогена група за деца од 2 до 4 години, една занимална за деца од 4 до 5 години и една група за деца од 5 до 6 години.

Во текот на летото, дворот на градинката ќе биде дополнително опремен со детски реквизити, а внатрешниот простор со дидактички материјали.

Со отворањето на овој објект, Општина Битола и Министерството за социјална политика продолжуваат со вложувања во проширување на капацитетите на предучилишните установи, со цел да се намалат листите на чекање и да се овозможат подобри услови за родителите и децата.

Новата градинка деновиве ја посети и градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски, кој истакна дека општината останува посветена на грижата за најмладите и создавање квалитетни услови за нивниот раст и развој.

Слични Објави