Потсетник за општинска администрација и граѓаните што сакаат да знаат за локалната самоуправа и за рамномерниот регионален развој
Сегашна состојба на децентрализацијата и кој – што работи и/или треба да работи.
Законите за децентрализација на власта се донесени во 2004 година но процесот на децентрализација започна во 2005 година. Овој процес промовираше поголемо учеството на граѓаните во одлучувањето за прашањата од локално значење.
Иако процесот на децентрализација започна уште во 2005 година, тој сè уште не е целосно завршен ниту ефикасен. Од 2012 година општините влегоа во Втората фаза на фискална децентрализација, иако правата фаза не е целосно завршена. Доста општини и сега немаат доволно квалификуван кадар за даночно и финансиско работење, добро финансиско управување, навремено известување кон МФ, редовно сервисирање на обврските и незадоволителен квалитет на локалните услуги.
Законот за локална самоуправа (тоа е базичен закон и се нарекува „lex generalis“), општо ги дава надлежностите на ЕЛС по области. Кои надлежности (кој дел од надлежноста) ќе ги извршува општината и во кој обем се дава со посебни закони (најчесто, тоа се закони на национално ниво), но во секој случај, општината сама мора да си донесе подзаконски акти, кои се прецизни. Надлежностите постојано се усложнуваат и стануваат побројни, низ многуте акти, кои владата и министерствата мораат да ги усвојат „под знамето“ на нашата хармонизација со аквисот, а секој „европски“ закон, стратегија, план… дава обврски и, ако не друго, барем како „хоризонтална мерка“. Исто така и сложеноста и испреплетеноста на законите претставуваат кошмар за слабиот општински капацитет. Еве само еден пример за да ја претставиме сета сложеност на остварувањето на надлежностите.
ЗЛС дава надлежност за донесување урбанистички планови, уредување на градежното земјиште и издавање одобренија за градење за градби од втора категорија (локална важност) на општината. Сепак, ваквата надлежност не може да се оствари, затоа што е тоа само општо кажано во законот и претставува работа на сосема други закони (Закон за градба, Законот за просторно и урбанистичко планирање…), кои треба да ги следат огромен број подзаконски акти, кои самата општина треба да сѝ ги донесе, за да може да ја спроведе дадената надлежност (не е само да пропишеш закон, туку и постапка, форма на документација, финансирање на процесот, кој и како носи планови, што носи државата – што општината и многу друго).
Законот за градење определува постапката за издавање одобрение за градење, но и што е тоа градба од локално значење, се утврдува постапката на надзор над спроведувањето на овој закон (инспекција) и многу друго. Со Законот за градежното земјиште, правно се определува градежното земјиште, неговото уредување, начинот на располагање со него, отуѓувањето и давањето под закуп, се определува начинот на кој се спроведува постапката и електронска постапка, се утврдува формата на актите и списите во постапката и многу други прашања, а и најважното: законското доуредување, или прецизирање на законот со подзаконски акт и кој тоа го може: надлежниот министер, градоначалникот или Советот на општината. Тука не завршува сета таа сложеност, па даваме и други примериод кои се гледа сложеноста и испреплетеноста на законите, кои мора да ги примениш и поинаку и не може. Други важни закони за децентрализација се и Закон за територијална организација на локалната самоуправа во РМ, Закон за финансирање на општините и тие сè носат со Бадинтерово мнозинство.
Децентрализација неминовно бара општините да создаваат капацитет и практики за да се справат со овие претешки работи, а тоа (од своја страна) бара мошне стручни кадри, кои следат закони, кои постојано се доедуцираат, кои меѓусебно разменуваат податоци и актуелните проблеми заеднички ги решаваат. Значи, административните работи бараат систем на вработувања на стручни кадри, систем на напредување во кариерата – следен со систем на наградување (плати), ефективни систематизации на работни места, со детален опис на работни операции, ИТ опремување и развој на софтвер за следење на сето тоа. Порано, кога овие надлежности беа на државно ниво и кога се работеше по други закони, услугите за граѓаните беа мошне спори и слаби, исполнети со корупција на секој чекор и… И ништо! Пак е така, со една разлика: Сега нема „внатрешна едукација во институциите“, каде поискусните колеги ги обучуваа новите кадри, а порано имаше, ако не заради друго, тогаш барем заради одржувањето на коруптивните системи.
Без растот на капацитетот, подобрувањата се невозможни, а партизацијата на администрацијата е „алфа и омега“ на тој процес. Така, никој не водеше сметка за квалитетот на кадарот – кој го примаат на работа, ниту за нивната доедукација. Администрацијата и функционерите стануваа продолжена рака на партиите, кои мораа да ги задоволуваат апетитите на партиското членство за вработување на „државни јасли“. Да, некои градоначалници и советници сакаат да ги подобрат (барем) услугите кон граѓаните, но напластените проблеми во прекумерната администрација и на локално и на национално ниво, партиите и централната администрација грижливо ги чуваат и унапредуваат. Сакаш нова систематизација, за да ги подобриш услугите? Одма ќе ти речат дека си луд што се зафаќаш со тоа и дека, ако отпуштиш тројца, кога ќе дојдат „другите“ ќе отпуштат 30 „наши“, а ако на неангажираните административци им дадеш некакви понапорни задолженија, тие ќе саботираат, оти „не е нивната партија на власт“ или „ќе кочат – колку можат“. Законот за работни односи е најврвниот закон во судовите и скоро секој отпуштен, го вратиле на работа.
Ете, тоа е приказната за новите надлежности, за кои треба капацитет, а за тоа стручни и непартиски кадри, а за тоа политичка волја. Кога нема политичка волја, нема ништо и децентрализацијата може да се нарече како сакаме, но таа ќе започне да зема замав кога општините повеќе нема да имаат избор (кога општините нема да можат да ги задоволат ниту најелементарните граѓански потреби), освен да го започнат тој „мерит систем“ на кадри, затоа што ќе почне да им се одразува на партискиот рејтинг, а можат да „заработат“ и граѓанска непослушност, неплаќање сметки или демонстрации.
Едноставно, сите ние граѓаните, администрацијата и цивилното општество, лесно можеме да бидеме доведени во неподнослива ситуација, иако „Македончето може да издржи се“, па да го дигнеме гласот против партиите, што е веќе започнато со граѓанската апстиненција од јавното учество, иако не е добро што тоа се пренесе и на граѓанското учество во процесот н а носење одлуки. Рејтингот на партиите многу работи може да реши, ако го нападнеме поорганизирано и без многу паметување. Купишта ѓубре по улиците тоа можат да го „поттурнат“, повеќе отколку недостатокот на улично осветлување, кое (сепак) го плаќаме.
Задачите, посебно на ниво на правна регулација се тешки. Правото е такво, но тоа не е проблемот. Проблем е ако „правниот лавиринт“ ти дава алиби за неработење, шмеќарлаци и корупција.
Никој не може да ги доброи актите, кои ги продуцира владата и ги задолжува и општините и формирани тела и комисии на национално ниво и комисиите на локално ниво, кои (субсидијарно) мораат да ги формираат во општините, за да одговорат на тие стратегии, акциони планови, планови за управување, агенди за ова и за она, препораки, подзаконски регулативи… Едноставно, патот кон ЕУ тоа го бара (да сме сѐ хармонизирале со Аквисот). Како и да е, тоа им дава огромна работа на општините, која не можат да ја стават настрана и да речат: „Нам тоа не нѝ треба, имаме поважни задачи“. Всушност, тоа се номинални акти, од кои повеќето ќе стапат на сила „по влегувањето во ЕУ“ и нема ниту теориска шанса тие да сѐ имплеметираат на терен, но сепак, градоначалникот треба да „ги предложи“ пред Советот, тој да ги усвои, да се формира некакво „тело“ за тоа, да се предвидат правилници за тоа тело, да им се изгласа начини на известување и информирање на ресорното министерство (затоа што ресорните закони ги спроведува некое министерство). Сето тоа го троши и времето и ресурсите, па многу често, нема време за подобро да се размислил за битните работи. За вистина на волјата, „поважните работи“, а тоа е „патот на парите“, надлежните сакаат да го тргнат од очите на јавноста, за да се занимаваат со влегувањето во Европа, преку тие „планови“ и „стратегии“. Тоа е вистината: барај што подалеку од мојата куќа, за да не прашаш што бара твојата косилка во мојот двор!
Ете, и тоа ги троши слабите ресурси на најпосветениот кадар во општината.