Велосипедската трка „Сава Мариово Тур 2024“ по трет пат
Денес во 10:00 часот од пред Камена бина во центарот на градот започна велосипедската трку „Сава Мариово Тур 2024“, настан кој по трет пат се одржува во Прилеп. Овој настан не само што ја истакнува важноста на велосипедизмот, туку и го позиционира Мариово како клучна дестинација за спортски и рекреативни активности.
Трката е во должина од 55 км, ќе се вози преку превојот Слива до Расимбегов мост и назад, вистински тест за сите учесници, но истовремено и прекрасна прилика за заедничко уживање во природата, спортувањето и дружењето. На трката се пријавени 240 натпреварувачи од цела Македонија. Во посебна конкуренција ќе возат и 160 деца на возраст од 4 до 6 години.
Трката е во организација на „Нови маркови внуци“, поддржана од Општина Прилеп, генералните спонзори, Сава групацијата, кои со својата поддршка и посветеност овозможуваат Прилеп да биде домаќин на значајни настани.
„Нека оваа трка продолжи да расте и да прерасне во вистинска традиција за нашиот град и регион, а Локалната самоуправа ќе продолжи да ги помага сите вакви настани. Уживајте во денешниот настан, покажете го вашиот натпреварувачки дух, но и љубовта кон велосипедизмот.“ Изјави градоначалникот Борче Јовчески