|

ТРЕТА СВЕТСКА КОНФЕРЕНЦИЈА ЗА РЕЛИГИСКИ ДИЈАЛОГ ВО КРУШЕВО

ПРИЛЕП ВО ФОКУСОТ НА ГЛОБАЛНАТА РАЗМЕНА НА ИДЕИ

Во Крушево се одржа Третата Светска конференција за религиски дијалог и соработка, под наслов „Религијата и современата фаза на глобализација: можности и предизвици“. Настанот ги обедини истакнати научници, претставници на верските заедници и истражувачи од различни краеви на светот, со цел унапредување на дијалогот, меѓусебното разбирање и градење мостови на соработка.

Конференцијата, организирана од Филозофскиот факултет при УКИМ, Центарот за интеркултурни студии и истражувања и Министерството за култура, стави акцент врз улогата на религијата во контекст на глобализацијата – како поттикнувач на соживот и толеранција, но и како потенцијален извор на предизвици во мултикултурните општества.

Еден од значајните сегменти на конференцијата беше посветен на културното и духовно наследство на градот Прилеп, претставен како пример за средина која низ историјата ги негува вредностите на почитување, културен плурализам и духовна длабочина.

Градоначалникот на Прилеп, Борче Јовчески, кој присуствуваше на конференцијата, изрази благодарност за можноста да биде дел од ваков глобален форум:

„Голема чест ми беше да учествувам на овој значаен настан. Како градоначалник на Прилеп – град со богато културно и духовно наследство – сум особено горд што нашиот глас беше чуен и препознаен во контекст на пошироките иницијативи за градење поинклузивно и праведно општество. Благодарност до организаторите за нивната визија и заложба за интеркултурен дијалог.“

Слични Објави