„Вози безбедно – стигни сигурно“ – РСБСП започна со зимската кампања

Секој снег, мраз или дожд е тест за нашата одговорност зад воланот – во таа насока РСБСП ја започнува зимската кампања под мотото „Вози безбедно – стигни сигурно“, со порака дека малку повеќе внимание, правилна опрема и внимателно возење можат да спасат човечки живот.

Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП) ја нагласува важноста на внимателното и одговорно возење во зимски услови, кога снегот, мразот и дождот претставуваат сериозен тест за сите возачи. Под мотото „Вози безбедно – стигни сигурно“, кампањата има за цел да ја потсети јавноста дека со малку повеќе внимание, правилна зимска опрема и прилагодено возење може да се спасат човечки животи.

Во согласност со Законот за безбедност на сообраќајот, од 15 ноември до 15 март е задолжително возилата да имаат пропишана зимска опрема:

Притоа, во Правилникот за задолжителна опрема на возилата е предвидено:
Задолжителна зимска опрема на моторни возила со најголема дозволена маса која не надминува 3.500 kg претставува:
– Зимски пневматици на сите тркала со минимална длабочина на шарата од 4mm или доколку возилото поседува летни пневматици со минимална длабочина на шарата од 4mm да поседува синџири за снег кои одговараат на големината на погонските тркала.
Задолжителна зимска опрема на моторни возила со погон на сите тркала (4×4) претставува:
– Зимски пневматици на сите тркала со минимална длабочина на шарата од 6mm или летни пневматици со минимална длабочина од 4mm, доколку возилото поседува синџири за снег најмалку за задната осовина во случај кога возилото има постојан погон на сите тркала, или синџири за снег најмалку за погонските тркала кога возилото има преклопив погон.

Зимата претставува период со највисок степен на ризик на патиштата. Главните опасности за возачите се:

  • лизгави коловози поради снег, мраз или „голомразица“, појава која често е невидлива и особено опасна;
  • намалена видливост поради густа магла, врнежи;
  • подолг пат на сопирање и нестабилност при нагли движења;
  • намалена концентрација и замор на возачите.

Затоа, РСБСП апелира до учесниците во сообраќајот да ги следат препораките кои спасуваат животи:

  • следете ги информациите за временските услови на патиштата,
  • прилагодете го возењето според условите на патот,
  • почитувајте ги сообраќајните правила и прописи и патната сигнализација,
  • носете зимска опрема во возилото и користете ја соодветно,
  • направете зимска проверка на возилото,
  • одржувајте безбедно растојание меѓу возилата,
  • избегнувајте нагло сопирање на возилото,
  • избегнувајте нагло намалување или зголемување на брзината на возилото.

Неповолните временски услови бараат од возачот поголемо внимание за време на управување со возилото, движење со намалена брзина, која во потполност е прилагодена кон условите на патот.

Одговорноста не се мери само со почитување на законските одредби, таа се мери со ставот дека во секое возило, на секоја крстосница и пешачки премин, стојат човечки животи со свои семејства, планови и иднина.

Со оваа кампања потсетуваме дека безбедноста на патиштата е заедничка обврска – само така може да изградиме култура на одговорно и безбедно однесување во сообраќајот, стои во соопштението од РСБСП.

Слични Објави