(видео) Со литургија и традиционално чествување одбележан патрониот празник на Прилеп – Свети Никола
Денес во Прилеп, со света архиерејска литургија и низа традиционални активности, беше одбележан патрониот празник на градот – Свети Никола Чудотворец, заштитникот на Прилеп. Голем број верници, граѓани, претставници на институциите и гости присуствуваа на чествувањето на празникот.
По литургијата, продолжи традиционалното градско чествување. Градоначалникот на Прилеп, Дејан Проданоски, им оддаде признание на старите и новите домаќини на градската слава. Досегашните домаќини – компаниите Бим Фоод и Матадор, како и новите домаќини од „Рустика“, добија икони како симбол на благодарност, почит и продолжување на вековната традиција.
Во своето обраќање, градоначалникот истакна дека Свети Никола за прилепчани не е само празник, туку ден на сплотеност, заедништво, хуманост и меѓусебна почит. Тој потсети дека се одбележуваат 20 години откако, по иницијатива на граѓаните, Свети Никола беше прогласен за патрон и заштитник на Прилеп, нагласувајќи дека оваа традиција треба да се негува и пренесува на идните генерации.
Претходно, во своето слово, Владиката Петар ја истакна улогата на Свети Никола како ревносен бранител на вистинската православна вера и симбол на правдата и вистината. Тој упати порака дека вистинското славење на светецот не е само во обичаите, туку во живеењето според неговиот пример.



