Училишните клупи остануваат празни – Најмалку 3.000 првачиња помалку оваа есен
Во учебната 2026/2027 година македонските училишта ќе ги почувствуваат последиците од негативните демографски трендови. Најмалку 3.000 првачиња ќе недостасуваат во училишните клупи од септември, а според моменталните податоци, годинава се запишани околу 4.900 првачиња помалку во споредба со лани.
Министерката за образование и наука Весна Јаневска изјави дека бројките сè уште не се конечни бидејќи дел од децата допрва ќе се запишуваат, но предупреди дека намалувањето е сериозно и загрижувачко.
„Се надевам дека бројката малку ќе се намали, но таа е навистина голема ако се земе предвид демографската состојба. Дури и со дополнителните уписи, ќе имаме најмалку 3.000 првачиња помалку. Овој тренд го очекуваме и следната година, што е поразително за државата“, истакна Јаневска.
Таа нагласи дека Владата го смета демографскиот пад за еден од најсериозните предизвици, а Министерството за образование работи на подобрување на условите во училиштата со цел младите семејства да останат во земјата.
Иако бројот на средношколци сè уште не е конечен поради претстојниот трет уписен рок, според министерката, намалувањето таму не е толку изразено како во основното образование.
Во меѓувреме, Министерството продолжува со воведување едносменска настава. Според Јаневска, повеќе од 200 училишта веќе работат во една смена, а процесот речиси целосно е завршен во неколку општини, меѓу кои Кавадарци, Ѓорче Петров, Прилеп, Битола и Штип. Најголем предизвик, како што рече, остануваат скопските општини поради поголемата концентрација на ученици, но веќе се реализираат проекти за доградба на училишни капацитети.
На денешната прес-конференција беа презентирани и резултатите од годинашната државна матура. Средношколците ја завршија со просечна оценка 3,66, што е речиси идентично со минатогодишниот просек од 3,69 и значително подобро во споредба со 2024 година, кога просекот изнесуваше 3,26.
Од Државниот испитен центар информираа дека на матурските испити биле пријавени 14.587 ученици, од кои 348 не се појавиле на тестирањето. И оваа година биле регистрирани обиди за препишување, а дел од кандидатите се сомничат дека користеле и алатки базирани на вештачка интелигенција. Сите утврдени неправилности биле санкционирани согласно правилата, а учениците кои препишувале ќе мора повторно да го полагаат испитот.
Годинава за првпат матурантите полагаа три вида матурски испити – државна матура, државна стручна матура и државна уметничка матура. Најголем интерес повторно имало за англискиот јазик, кој како изборен предмет го полагале 13.208 ученици.
Министерката информираше и дека новиот Закон за високо образование во моментов е во собраниска процедура и очекува негово усвојување во наредниот период.



