Духовден („Духови“) – верувања и обичаи

Дуовден („Духови“) – Излевање на светиот дух

Духовден или Дуовден — еден од најголемите 12 христијански празници. Се нарекува уште и Педесетница  во кој се слави слегувањето на Светиот Дух врз апостолите на педесеттиот ден од Христовото воскресение (се слави 50 дена по Велигден). Во народот овој празник најчесто е поврзан со душите на умрените, а и обичаите што се изведуваат на овој ден се поврзани со тие верувања.

Овој празник како и Велигден се празнува три дена, првиот ден од Духовден е и ден на Св. Троица. Овој ден се вика и Педесетница, не само затоа што се празнува педесет дена по Велигден туку и затоа што настанот што му дава печат на овој ден се случил токму на еврејскиот празник Педесетница. Овие два празника Пасха и Педесетница се единствените што имаат основа во Стариот завет. Евреите го празнувале Пасха како ден на излегувањето на еврејскиот народ од египетското ропство.

Обичаи

Во народното верување овој празник најповеќе се поврзува со душите на умрените. Се верува дека од Велигден до Духовден душите на умрените се слободни. Кога ќе се рече Ристос воскресе на Велигден се отворале вратите на рајот и пеколот и душите рисјански летнувале по небото и најповеќе застанувале по цветовите на дрвјата.
А бидејќи душите на мртвите се слободни во овој период и бидејќи им е мило да се покрај своите, луѓето им приредуваат гозби. Особено тоа го прават на Задушница, саботата пред Духовден. А кога ќе дојдел овој празник, како што запишал М. Цепенков, „веќе ќе и спотераат анѓелите да и носат пак на небеси, да и затворат во рајот“. И Е. Спространов запишал дека на овој ден затоа што тогаш се затвора рајот мртвите ги мамеле со ореова гранка. Што се однесува до употребата на ореови гранки на овој ден треба да се напомене дека во народните верувања уште од претхристијански времиња оревот имал привлечна сила за душите на умрените поради што се користи во обредите на овој ден. Ставањето на ореови лисја во алиштата на овој ден има и практична цел, заштита од молци. 

На Духовден се внесувале билки во храмовите, од нив верниците плетеле венчиња кои ги носеле како заштита од демоните, но и како практична заштита од молците и другите штеточинки во своите куќи. Гробовите се прекривале со листови од орев, а некаде се кителе само крстовите.

На Духовден во Македонија не се спиело ноќе, на гробиштата луѓето седеле цела ноќ и раздавале храна за душата на покојните. Задолжително е носење на цреши во земјани садиња кои според верувањата со симболично давање на блиските преминуваат граница на оној свет и им служат на покојните во тој задгробен живот.

Во Јужна Србија се верува дека човек роден на Духовден, секоја година на таа ноќ во стаклото на шишето во кое има вино може да ги види мртвите и да комуницира со нив, но пред да го стори тоа мора да помине низ обредни елементи меѓу кои е и отиде до гробот без да се сретне со некого, да појде од домот и да стигне до гробот во глуво доба, да пости седум дена пред Духовден и др. Некаде пак се верувало дека детето родено на тој ден нема да има среќа во животот.

Во Скопје и Скопско домаќинките во петок пред зори месат мали благи лепчиња, кои пред да се раздени се носат на соседите и на пријателите. Тие треба да се изедат на гладно за да им се најде на тие што не се живи. Лепчињата треба да бидат меки, благи и топли како душата. Потоа попладне се посетуваат гробовите на починатите членови од семејството каде што се носат посни раздавки.

Во сабота наутро, освен продуктите за раздавање, кои се делат за да му се најде на покојникот, се носи и пченица и вино. 8 недела, пак, по полноќ, на гробишта се носат млади гранки од оревово дрво, со кои се поминува целото гробно место. Порано се носеа бардачиња и каленици од глина, кои се полнеа со јагоди и цреши. Сега тие се заменети со стаклени или керамички садови кои може да држат вода, а се даваат на најдобриот пријател на покојникот. Важно е еден од продуктите што се даваат за душа на покојникот да биде домашен, односно да е замесено лепче или пита или нешто што многу го претпочитал покојникот.

Обичаите и верувањата на битолчани за време на духовденските празнувања се раздавање храна за душа на покојните, бдеење на гробовите до пред изгрејсонце и коленичење за време на црковната служба зашто веруваат дека духовите на покојните одат на причесна. Постарите битолчани раскажуваат дека подготовките за празникот почнуваат уште пред Спасовден кога се купуваат дарови за душа на покојните. Кај луѓето во овој крај од дамнина останало верување меѓу народот дека на Спасовден излегуваат духовите, па затоа претходно се купуваат чаши, маици, крпи, шолји. Во петокот пред Духовден се опеваат покојните, а другиот ден, во саботата, на Задушница се раздаваат даровите. На гробишта се носат храна, лепче, маслинки, сирење, кашкавал, јагоди и цреши и купените предмети кои се раздаваат на блиски. Во недела на Духовден пред да изгрее сонцето уште во темнината ги мијат гробовите на покојните со гранки од маслинки и ореви. На тој начин симболично се мијат починатите роднини. Во недела се служи во црквата голема литургија, а подот во храмот е послан со лисја од ореви и маслинки.

Автор – Александар Цветкоски

Слични Објави