Ладен бран повторно ги носи температурите во минус
Поради продор на ладен воздух од север, во Македонија врнежите од снег и снежната покривка постепено се прошират, особено во западните предели, каде што снежната граница се спушта.
Во следните часови врнежите од дожд на повеќе места ќе преминат во снег. Во западните делови од земјата ќе се формира снежна покривка, поизразена на повисоките населени и планинските места, со висина од 10 до 15 сантиметри, а локално и над 20 сантиметри.
Послаби врнежи од снег се очекуваат и во Скопје и околината, проследени со повремено засилен ветер од северен и северозападен правец.
Дневните температури ќе се движат од 0 до 7 степени, додека во Скопје и околината ќе достигнат околу 3 до 4 степени. На повисоките населени и планинските места температурите ќе останат под нулата и во текот на денот.



