Тужба против Владата: Жените земјоделки дискриминирани за породилно отсуство
Комисијата за спречување и заштита од дискриминација и Хелсиншкиот комитет за човекови права поднесоа тужба против Министерството за здравство и Владата во Граѓанскиот суд Скопје, поради, како што наведуваат, системска дискриминација врз жените земјоделки во земјава.
Тие реагираат на фактот што жените кои работат во земјоделството не можат да ги остварат основните права за породилно отсуство и боледување преку стандардниот систем за здравствено осигурување, туку мораат индивидуално да аплицираат преку посебна програма на Министерството за земјоделство. Дополнително, надоместокот се одобрува само доколку жените земјоделки имаат приход помал од 50 илјади денари месечно во целото домаќинство.
Според податоците, програмата се покажала целосно нефункционална – во 2023 година од само 4 поднесени барања за породилно, било одобрено едно, при што исплатата за сите 9 месеци изнесувала 100 илјади денари. Во 2024 година, ситуацијата е уште полоша: од 6 поднесени барања, одобрено било само едно, со сума од 81 илјада денари, а останатите жени биле одбиени.
„Со оваа програма, Владата практично ги маргинализира жените земјоделки и ги лишува од пристојни услови за мајчинство, принудувајќи ги веднаш да се вратат на работа. Тоа е класичен пример на дискриминација врз основа на пол, личен статус и припадност на маргинализирана група“, велат од Хелсиншкиот комитет.
Комисијата и Хелсиншкиот комитет бараат итна измена на Законот за здравствено осигурување, со која правото на породилно и боледување за жените земјоделки ќе се регулира на ист начин како и за сите други жени во земјава – преку закон, а не преку дискрециони програми.
Иако Комисијата веќе дала официјални препораки до Министерството за здравство, ресорното министерство досега не иницирало измени на законот. Единствен обид за законска промена беше направен од пратеничката група на „Левица“, која поднесе амандмани, но тие не беа изгласани на пленарна седница од страна на парламентарното мнозинство.
Во Македонија има околу 1050 жени земјоделки кои би биле опфатени со законските измени. Бидејќи само мал дел од нив во текот на една година остануваат бремени, финансиското оптоварување врз државниот буџет би било минимално.
„Права како породилното отсуство не смеат да зависат од добра волја на државата или програми што не функционираат. Ова е основно човеково право, загарантирано со меѓународните конвенции“, предупредуваат од Хелсиншкиот комитет.


