80 години Црвен Крст на Македонија
Црвениот крст на Македонија со свечености низ земјата го одбележува значајниот јубилеј – 80 години од своето постоење, ставајќи посебен акцент на соработката со локалните самоуправи. Под мотото „Ние гледаме луѓе“, организацијата ја истакна својата долгогодишна мисија на солидарност, хуманост и грижа за ранливите категории во општеството.
„Благодарност до сите претходни генерации што се вградија во оваа организација за денес да биде толку убава и успешна. Црвениот крст е сведок на создавањето на државата, но она што е значајно е што неговиот развој е прилагоден исклучиво за развој на општеството. Тоа е резултат на сите 80 години во кои ги слушаме луѓето, ги гледаме луѓето и заедно со нив промовираме хуманост и солидарност. Овие нови генерации се подготвени да продолжат да ги гледаат, уважуваат и вреднуваат луѓето и во наредните 80 години и заедно со нив да изградиме една организација на иднината“, истакна генералниот секретар на Црвениот крст на Македонија, Саит Саити.
Во рамките на одбележувањето, Саити додели признанија за соработка на градоначалниците на Крива Паланка и Ранковце, Сашко Митовски и Борче Спасовски, во знак на благодарност за партнерството низ децениите во реализацијата на бројни хумани активности.
„Општината е сигурен партнер на Црвениот крст, а круна на тоа партнерство градено со децении се развиените социјални услуги во Крива Паланка што пружаат грижа за ранливи категории. Ова признание им припаѓа на сите оние кои се и биле дел од општината и на сите што со својата добрина и посветеност подале рака и љубов во грижата за граѓаните и заедницата“, изјави градоначалникот на Крива Паланка, Сашко Митовски.
Градоначалникот на Ранковце, Борче Спасовски, порача дека Ранковце секогаш стои цврсто на линијата на хуманоста и дека ќе продолжи со заеднички напори да работи на подобрување на квалитетот на животот на сите граѓани.
Претседателот на Општинската организација на Црвениот крст Крива Паланка, Иле Коцевски, нагласи дека овој јубилеј е симбол на 80 години пожртвуваност, посветеност и предаденост на идејата за изградба на силна заедница.
Во Битола, Општинската организација на Црвениот крст го прослави својот 80-годишен јубилеј со посебен акцент на соработката со локалните самоуправи на Општините Битола, Могила и Новаци, кои се клучни партнери во реализацијата на многу проекти и активности. Во знак на благодарност, беа доделени јубилејни признанија на градоначалниците на овие општини.
Настанот се одржа во Офицерскиот дом, каде што присутните имаа можност да се потсетат на долгогодишната посветеност на организацијата преку осврт на нејзината работа, проследен со музички изведби од волонтерите на Клубот на млади.
Црвениот крст на Македонија продолжува со својата мисија, подавајќи рака на сите на кои им е потребна помош, а новите генерации волонтери и поддржувачи се подготвени да ја одржат оваа традиција и во иднина.