|

Истрча 600 километри до Острог за децата со рак и во чест на својата мајка – Антонио ја исполни хуманитарната мисија

Антонио Пандевскија од Прилеп ја заврши својата хуманитарна мисија и по 18 дена пешачење и трчање стигна до манастирот Острог во Црна Гора. Патувањето од 600 километри го реализираше со цел да им даде поддршка на децата заболени од рак и во чест на својата мајка, чие последно посакување било токму посетата на овој православен манастир.



Трката беше поддржана од Фондацијата „Ице Бегов“ од Гевгелија, како и од неколку компании. Пандевски вели дека мотивацијата ја црпел од личната загуба и од желбата да покаже поддршка на семејствата кои се соочуваат со тешки здравствени битки.

По пристигнувањето пред манастирот, тој сподели кратка порака на социјалните мрежи:

„Мајко, стигнав. Уште малку сила ми остана, ама срцето е полно. Твојот сон сега е мое дело. Секоја солза, секоја болка, секој камен под моите нозе вредеше. Го положив мојот подвиг пред Острог. И ти го посветив тебе. И на сите мали срца што се борат за живот. Нека знаат – љубовта не запира. И јас нема да застанам.“

Антонио истакна дека со акцијата сакал да покаже дека поддршката за овие деца е потребна и во форма на внимание и јавна свест, не само преку финансиски донации. Неговото патување го заврши пред манастирот Острог, каде што, како што вели, го оставил својот личен завет.

Тој најави дека и во иднина ќе продолжи со слични хуманитарни акции.

Слични Објави