„Маркукуле – живо“ – Прва самостојна изложба на Ивана Темелкоска во Прилеп

Во петок, на 15 мај 2026 година, со почеток од 20:00 часот, во Ликовната галерија при Центар за култура „Марко Цепенков“ ќе биде отворена изложбата на фотографии „Маркукуле – живо“ од младата авторка Ивана Темелкоска.

Станува збор за нејзина прва самостојна изложба, реализирана со поддршка од Министерство за култура и туризам.

Изложбата претставува долгогодишен фотографски запис на Марковите Кули — еден ист простор набљудуван низ различни времиња, светлини и атмосфери. Проектот започнал за време на пандемијата, кога секојдневниот поглед низ прозорецот станал единствен контакт со надворешниот свет. Токму тогаш Темелкоска започнува да го фотографира ридот Маркукуле, ден по ден, создавајќи визуелен дневник исполнет со тишина, промени и внимателно набљудување.

„Маркукуле – живо“ не е само документарен приказ на еден пејсаж, туку интимна приказна за присуството, минливоста и убавината во секојдневното. Иако мотивот останува ист, секоја фотографија носи различна емоција, светлина и атмосфера, откривајќи дека природата никогаш не мирува.

Авторката доаѓа од спојот на филологијата, графичкиот дизајн и фотографијата. Дипломиран филолог по руски јазик и книжевност, таа веќе осум години професионално работи како графички дизајнер, додека љубовта кон фотографијата ја негува уште од детството, инспирирана од својот татко и аналогната фотографија.

За изложбата:

Постојат места коишто ги носиме во видното поле толку долго, што на крај престануваме да ги гледаме. Маркукуле е токму такво место – рид длабоко всаден во секојдневието на Прилеп, толку познат, толку секогаш присутен, па затоа и речиси невидлив. Ивана Темелкоска го врати погледот кон него – и со тоа, и нашиот.

Фотографската серија „Маркукуле – живо” се роди во една ретко плодна тишина: онаа на пандемискиот карантин. Во времето кога светот се стесни на четири ѕида, кога единствената врска со надворешноста стана прозорецот, Темелкоска го насочи објективот кон она што се гледаше низ прозорецот. Истиот рид. Секој ден. Фотографирано со трпение, со будност, со она особено внимание кое може да произлезе само од такви ситуации, кога бараме излез, спас од грдото пандемиско секојдневие.  Резултатот е визуелен дневник со готово медитативен карактер. Серијата не е изградена врз однапред дефиниран концепт или формална теза – таа расте органски, кадар по кадар, ден по ден. Токму во таа спонтаност лежи нејзината сила. Темелкоска не фотографира со цел да „докаже” нешто – таа фотографира за да присуствува. Камерата овде функционира не само како алатка за снимање, туку и како алатка за будење – начин да се излезе од сопствената глава и вистински да се биде тука, во моментот. Фотографијата како автотерапија.

Иако ридот останува ист, ниту една фотографија не е иста. Светлината в зори не е иста со светлината на пладне или приквечер. Облаците на есен не се облаците во зима. Маркукуле живее во промените коишто, ако не обрнуваме внимание, едноставно ги пропуштаме. Авторката го прави очигледно она коешто секогаш таму е присутно: дека непроменливото, всушност, никогаш не мирува.

Темелкоска доаѓа од специфично творечко вкрстување – дипломиран филолог по руски јазик и книжевност, со осумгодишна кариера во графичкиот дизајн, и со фотографија длабоко вкоренета уште од детството, кога ги „крадеше“ тајните на фотографијата со поглед преку рамото на татко си во тeмната комора и хемикалиите за обработка на црно – бели фотографии. Таа интимна врска со медиумот е длабоко видлива во овие кадри. Тука нема студена дистанца на набљудувач – тука има блискост, имагинација, скоро семејна нежност кон еден рид.

„Маркукуле – живо” е изложба која од вас не бара многу – само да застанете и да гледате. А она со коешто ќе ве награди е наизглед обично, а всушност ретко: потсетување дека убавината не е некаде другаде. Таа го менува лицето секој ден, токму пред нашиот прозорец, а сега и пред вашите очи. (Драги Неделчевски, Тетово, мај 2026) 

За уметницата:

Ивана Темелкоска (1989) е дипломиран филолог по руски јазик и книжевност, но веќе осум години професионално работи како графички дизајнер во агенција за дигитален маркетинг. Активно се занимава со визуелна уметност, а фотографијата е медиумот што во последните години доминира во нејзината работа. Со фотографија се занимава уште од детството, најпрво низ игра и љубопитност инспирирани од професијата и пасијата на нејзиниот татко. Со текот на времето, фотографијата за неа прераснува во начин на доживување на светот и обид барем за миг да се задржи она што постојано ни се лизга низ прсти. Низ објективот учи повнимателно да гледа, да биде присутна и да ја прифати минливоста како дел од убавината на животот. За неа, фотографијата е истовремено и чин на сведочење и пуштање на моментите да продолжат понатаму, со сознанието дека некаде сепак останале зачувани. Проектот „Маркукуле — живо“ започнува за време на пандемијата, во период кога погледот низ прозорецот беше еден од ретките допири со надворешниот свет и природата. Набљудувајќи го секојдневно истиот пејсаж, авторката ги бележи неговите постојани промени — светлината, атмосферата и особено облаците, кои се еден од главните визуелни мотиви во серијата.

Слични Објави