| |

30 години од одржувањето на Првата „Прочка“ во Прилеп, како јавна манифестација

Далечната 1996 година за прв пат празникот Проштени поклади – Прочка во Прилеп се одржа како јавна манифестација.

Далечната 1996 година за прв пат празникот Проштени поклади, кај нас познат како „Прочка“, се одржа во форма на јавна манифестација. Дотогаш, тоа беше празник каде дечињата, најчесто во придружба на родителите, или во детски групи, ги посетуваа домовите на своите комшии и роднини, што е дамнешна традиција во цела Македонија и пошироко.

Таа година за прв пат се направија успешни и мошне организирани обиди за воспоставување на „Прочката“ како јавна манифестација, по примерот на Струмица и Вевчани.

            Во центарот на ваквата организација беше главниот организатор, фирмата „Ц’мба транс“ (Мирчески Кирил и Милан), НУ Завод за заштита на спомениците на културата – Прилеп, весникот „Вечер“ и се разбира, Мечкарите, кои традиционално, со децении ја изведуваа единствената препознатлива поворка низ градот, додека ги посетуваат куќите на касапите низ цел Прилеп. Не дека немаше и други организирани групи, кои сакаа да ја изразат својата духовитост и досетливост со комичн и маски, но тоа беше мошне инцидентно и случајно.

Мечкарските маски беа далеку најтрадиционални во целата Македонија, затоа што беа сеуште „недодирнати“ од надворешни влијанија, се креираа секоја година од пресни кожи, во кланицата („Зибијата“), со само неколку штавени од нив (за на глава) и со неизоставната триаголно – овална маска од црна чоја, со заби од нерез и мошне критички и естетски распоредени монистра, пулејки и метални топчиња. Најдоследната маска беше од касапот Зеро, која ја фотографира фотографот во нашиот Музеј Димитар Димески, за да се напечати постер за манифестацијата. Таа маска и тој постер се сеуште главен визуелен бренд на оваа манифестација.

Оваа манифестација се одржа во салата на Тутунски комбинат – Прилеп, каде продефилираа и маски од Струмица, Вевчани и други градови, додека Прилеп „го пресрамуваа“ одличните Мечкари, кои и добија прво место.

Вечерта, кога и се доделија наградите, се одржа грандиозна забава (бал под маски) во салата на хотелот „Липа“, каде, покрај прилепчаните и гостите – учесници, дојде вистинска елита на прилепчани – иселени во Скопје, посебно од светот на уметноста, театарот, новинарството и други јавни личности.

Може слободно да се каже дека за Прилеп важеше онаа народната „Прво, па машко“. Организацијата и одзивот беа невидени дотогаш.

Додуша, тоа сето „не падна од небо“.

Најпрво, Ц’мба транс објави дека за освоено прво место наградата ќе биде гланц ново „Југо“. Тоа ги охрабри и прилепчани и другите маскирани групи, кои настапуваат на другите 2 карневали, во Македонија, да спремат одлични маски и да дојдат тука.

Потоа, Мечкарите, или „касапската група“ имаа едукација во нашиот Музеј (одделение за социјална и духовна култура) како да ја направат маската пооригинална спрема старите записи, како да воведат кореографија во самата изведба, која постоела до 1868 година (тогаш е за последен пат снимена кореографијата со видео камера, кога во Музејот ја донесе покојниот Ордан Зазоски).

Тие добија инструктажа од Музејот како да ги изведат перформансите „Смрт на стариот касап и раѓањето на новиот“ и втората со „Смирување на касапите“ со „Касапското оро“, кое го изведуваа двајца сурлаџии и двајца тапанџии.

Потоа, весникот Вечер формира работно тело за популаризација на прилепската Прочка и цел месец објавуваа текстови на НУ Завод и Музеј – Прилеп како треба да изгледа традициска маска, кои елементи ги има, кое е нивното значење, кои драмски дејствија се одвиваат низ Македонија кај маскираните поворки и какви драмски нарации „раскажуваат“. Вечер сѝ ја сработи работата феноменално и овој карневал беше веќе познат пред и да започне. Така, цел месец пред Прочката 1996 година се објавуваа написи, како еден вид пропаганда за настанот и се одржуваа радио и ТВ интервјуи за презентација на обичајот и запознавање на јавноста со него. Тука помогнаа и МТВ и Македонско радио II  програма, а носител на сето стручно водство беше нашиот Музеј.

Жири комисијата ја водеше Ив Бертран – директор на FKC, а членови на жирито беа организаторот Милан Мирчески, претставник на весникот Вечер Валентина Тодоровска, Васил Радиноски од Вевчанскиот карневал, Претставник на карневалот во Струмица д-дин Сувариев и претставникот на нашиот Музеј Александар Цветкоски. Жирито работеше по Правилник за бодување на маските (се користеше и во следните неколку години), каде се бодуваше: Препознатливост, општ впечаток, учетнички квалитет, категорија на маска, вложен труд, присутни драмски елементи, успешност на настап, а се доделуваа награди за групна и поединечна маска.

Таа 1996 година се воспостави овој карневалски настан, а следните години се формира и општински организационен одбор на карневалот, како и Здружение на Мечкари. Со тек на време, манифестацијата влезе во Федерацијата на карневалски градови. Сите следни настани и организација на карневалите низ годините останаа на овие здруженија и на Општина Прилеп.

За жал, сега е „Касапското оро“ заборавено, а маските потполно видоизменети, со интервенции, додавање нетипични и туѓи елементи („згушување“ и предимензионирање на Суратот, со менување на обликот на платното), произволна кореографија, облекување во лажно крзно (синтетика) или штавени кожи, нетипични клопотарци…

            Етнолог – Александар Цветкоски

Слични Објави