Бесплатна посета на музејските поставки на Завод и Музеј – Прилеп
НУ Завод и Музеј – Прилеп и оваа година ќе се приклучи кон одбележувањето на 18 Мај – Меѓународниот ден на музеите, овозможувајќи бесплатен влез за посетителите во музејски и галериски поставки.
Меѓународниот ден на музеите се одбележува ширум светот од 1977 година, по иницијатива на Меѓународниот совет на музеите (ICOM), со цел да се истакне значењето на музеите како чувари на културното наследство, историјата и уметноста, но и како простори за едукација, инспирација и културен дијалог.
По повод овој значаен ден, во понеделник, 18 мај 2026 година, од 10:00 до 18:00 часот, граѓаните и посетителите ќе можат бесплатно да ги разгледаат:
- Меморијалниот музеј „Кузман Јосифоски – Питу“
- Меморијалниот музеј „11 Октомври 1941“ – Участак
- Музејот на тутунот – постојана поставка
- Галеријата на икони – постојана поставка
- Археолошката поставка
- Лапидариумот
- Етнолошката поставка
- Роднокрајната музичка поставка
- Камерната галерија – Аче
- Поставката „Графички и книжни икони“
Од НУ Завод и Музеј – Прилеп истакнуваат дека музеите се мост помеѓу генерациите и место каде што историјата оживува, а културното наследство продолжува да инспирира нови идеи и вредности.
Со оваа активност, институцијата испраќа порака за значењето на зачувувањето и промоцијата на културното наследство, упатувајќи покана до сите љубители на историјата, уметноста и традицијата да бидат дел од одбележувањето на Меѓународниот ден на музеите.


