Се мапираат дивите депонии во Пелагонија
Здружението за меѓународна младинска соработка Интерактив – Битола во рамките на проектот „Модерно е зелено – Мапирај за чиста Пелагонија“ ја пушти во употреба веб-страницата www.mapiraj.mk каде што десет млади волонтери од општините Битола, Прилеп, Крушево, Могила и Новаци во наредните месеци ќе ги мапираат дивите депонии во нивните места на живеење.
Покрај мапирањето на диви депонии, на веб-страната ќе се пласираат и информативно-едукативни блогови од областа на екологијата.
Претседателот на Здружението за меѓународна младинска соработка Интерактив – Битола, Мартин Николовски, изјави дека активностите се насочени за подигнување на јавната свест за заштитата на животната средина и намалување на загадувањето во Пелагонискиот регион.
„Пелагонија се гуши во отпад кое несовесните граѓани го фрлаат буквално каде стигнат. Од друга страна пак, сакаме да ги поттикнеме комуналните претпријатија и општините повеќе да се посветат на оваа проблематика за зачување на животната средина. Во рамките на овој проект планираме да мапираме околу 50 диви депонии и преку интерактивната мапа на нашата веб-страна www.mapiraj.mk да следиме дали истите ќе бидат исчистени или не. Ги повикувам сите граѓани кои ќе забележат диви депонии во нивните места на живеење да ни испратат фотографии и локација за да може да ги споделиме со јавноста“, рече Николовски.
Во изминатиот период, Здружението Интерактив – Битола организираше дебатен еко клуб за адресирање на локалните еколошки проблеми во опфатените општини, обука и теренски активности за мапирање диви депонии, како и работилници за екологија, зелена дигитализација, зелено новинарство и работилница за подготовка на еколошка кампања.
Активностите се во рамки на проектот „Модерно е зелено – Мапирај за чиста Пелагонија“, имплементиран од Здружението за меѓународна младинска соработка Интерактив – Битола, во рамки на програмата за подгрантирање на проектот „Младински активизам за позелени општини”, имплементиран од Македонското здружение на млади правници, Здружението за одржлив развој и заштита на животна средина Гоу Грин Скопје, Центарот за климатски промени и Здружението на млади Креактив, финансиски поддржан од Европската унија.