Од Хаг во родниот Прилеп – Ѓорѓи Десподов со изложбата „СПАМ“ во „Марко Цепенков“
Во Ликовната галерија при НУЦК „Марко Цепенков“ во Прилеп, на 27 ноември (петок), со почеток во 19 часот, ќе биде отворена самостојната изложба „СПАМ“ на мултидисциплинарниот уметник Ѓорѓи Десподов.
Изложбата е дел од годишната програма во визуелните уметности на установата, поддржана од Министерството за култура и туризам.
„СПАМ“ обединува три уметнички проекти на Десподов, развивани од 2023 година до денес: „SPAM“, „Honey I’m Home“ и „The Goblet of Delusion“. Преку нив авторот создава заеднички простор во кој се испреплетуваат дигиталната култура, шпекулативните светови и апсурдите на секојдневието.
Поставката ја истражува сложената врска меѓу човекот и технологијата, отворајќи прашања за влијанието на дигиталната средина врз современиот живот, идентитетот и перцепцијата на реалноста. Поаѓајќи од познати предмети и ситуации, Десподов ги трансформира во необични визуелни и наративни сценарија. Куќата станува потенцијална закана за сопствените жители, напуштениот билборд добива емоционална димензија, пророк комуницира преку спам-пораки, а пехарот се претвора во мистериозен артефакт за идните генерации.
Преку ваквиот пристап, уметникот ги преиспитува ветувањата на технологијата за полесен и поудобен живот, но и противречностите што произлегуваат од нејзиното секојдневно присуство. Наместо да понуди конкретни одговори, изложбата отвора простор за игра, преиспитување и поинакво согледување на реалноста, нејзините грешки и апсурди.
Ѓорѓи Десподов (1996, Прилеп) е мултидисциплинарен уметник од Северна Македонија, кој живее и работи во Хаг, Холандија. Неговата уметничка практика се движи меѓу физичката и дигиталната реалност, со посебен интерес за виртуелната и проширената реалност, дигиталната илустрација, видеото, 3Д-анимацијата и инсталацијата.
Во 2025 година магистрирал на Кралската академија за уметност во Хаг, на програмата Non Linear Narrative. Истата година ја добил наградата STRP Young ACT Award за магистерскиот проект „Doom Scroll Rehab: Cache Cleanse“. Во 2023 година ја освоил наградата „ДЕНЕС“ за млад визуелен уметник во Северна Македонија.
Во своето творештво Десподов ги реинтерпретира секојдневните предмети и визуелни симболи, поврзувајќи ги личните искуства со пошироки општествени теми, како технологијата, идентитетот, структурите на моќ и современата визуелна култура. Неговите дела се претставени на меѓународни фестивали и групни изложби во Северна Македонија, Словенија, Бугарија, Австрија, Кина, Холандија и Франција.
Отворањето на изложбата „СПАМ“ е закажано за 27 ноември, во 19 часот, во Ликовната галерија при НУЦК „Марко Цепенков“ – Прилеп.


