|

Кравите од Крива Паланка – ќе бидат сместени и во затворот во Прилеп и Идризово

Започнува спроведувањето на Акцискиот план за заловување, собирање, ветеринарно-здравствена контрола, транспорт и привремено сместување на добитокот одземен со правосилни решенија на подрачјето на Општина Крива Паланка.

Планот беше усвоен на минатата седница на Владата, а конкретните активности и обврски на институциите беа утврдени на денешниот состанок на Координативниот штаб во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

На состанокот биле дефинирани потребните човечки и технички ресурси, организацијата на теренските активности и логистиката за спроведување на акцијата. Предвидено е и мапирање на локациите на кои се наоѓа добитокот, со цел да се утврдат неговиот број, распространетоста и пристапноста до местата.

Во почетната фаза, животните ќе бидат сместени во Казнено-поправниот дом Идризово и Казнено-поправниот дом Прилеп. Се разгледува и можноста дел од добитокот, согласно законските прописи, да им биде отстапен на здруженија на сточари и млади сточари.

Во реализацијата на Акцискиот план се вклучени повеќе институции: Министерството за земјоделство, Агенцијата за храна и ветеринарство, Агенцијата за управување со одземен имот, Министерството за внатрешни работи, Дирекцијата за заштита и спасување, Центарот за управување со кризи и Бирото за процена.

Од Министерството велат дека преку воспоставениот механизам на координација ќе се следи спроведувањето на преземените обврски, со цел системско решавање на проблемот со одземениот добиток.

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Борче Серафимовски, посочи дека приоритет се заштитата на граѓаните, нивниот имот и земјоделското производство, но и почитувањето на стандардите за здравствена заштита и благосостојба на животните.

Слични Објави