СИНДИКАТОТ НА КУЛТУРАТА БАРА ЈАВНА РАСПРАВА ПРЕД УСТАВНИОТ СУД ЗА КОЛЕКТИВНИОТ ДОГОВОР
Синдикатот на културата на Република Македонија (СКРМ) бара Уставниот суд да одржи јавна расправа и да го одложи одлучувањето за уставноста и законитоста на Колективниот договор за култура и членот 78-љ од Законот за култура.
Предметот е предвиден за разгледување на седницата на Уставниот суд во петок, 27 ноември. Од СКРМ изразуваат сериозна загриженост за можниот исход, особено поради тоа што, како што наведуваат, досегашните најави и Предлог-буџетот за 2027 година не даваат сигнали дека ќе се обезбедат средствата за исполнување на правата на вработените во културата.
Синдикатот посочува дека до Уставниот суд доставил два писмени дописи, на 14 мај и 19 октомври 2026 година, со барање негови претставници да бидат повикани и да ги образложат аргументите во постапката. Но, според СКРМ, досега не добиле ниту покана ниту одговор.
Од Синдикатот сметаат дека имаат својство на учесник во постапката, бидејќи се еден од потписниците на Колективниот договор, заедно со Министерството за култура и СОНК. Во барањето се повикуваат на член 27 од Актот на Уставниот суд, како и на членовите 41 и 43, кои ја уредуваат можноста за одржување јавна расправа и повикување на учесниците.
СКРМ бара Судот да не донесе одлука пред да им овозможи на засегнатите страни да ги презентираат своите аргументи и да бидат сослушани.
Според Синдикатот, евентуалното укинување или поништување на Колективниот договор би значело губење на веќе утврдените работнички права за илјадници вработени во културата и враќање на состојбите пред 2020 година.
„Судот не смее да биде маша во рацете на која било власт“, порачуваат од СКРМ, од каде најавуваат дека, доколку Уставниот суд постапи спротивно на одредбите од сопствениот Акт, ќе ги искористат сите расположливи механизми за информирање на меѓународната јавност и релевантните меѓународни и дипломатски претставници во земјава.
Уставниот суд треба да се изјасни за предметот на седницата закажана за 27 ноември.


