|

УСТАВНИОТ СУД ГО УКИНА КОЛЕКТИВНИОТ ДОГОВОР ЗА КУЛТУРА

Уставниот суд донесе одлука за укинување на Колективниот договор за културата во целина, како и на членот 78-љ од Законот за културата. Сепак, одлуката нема да почне веднаш да се применува, бидејќи нејзиното дејство е одложено до 1 април 2027 година.

Одложувањето остава простор дотогаш социјалните партнери да подготват нов Колективен договор, усогласен со законската регулатива.

Во фокусот на оценувањето на Уставниот суд биле одредбите што го уредуваат начинот на пресметување на платите во културата, вклучително и примената на коефициентите, како и одредени права поврзани со платените отсуства.

Според досега објавените информации, Судот утврдил проблеми во законската основа и методологијата врз која се темели постојниот систем за пресметување на платите.

Колективниот договор опфаќа 123 културни установи и околу 2.345 вработени, меѓу кои и вработени во театрите, музеите, библиотеките и другите национални и локални културни институции.

Одлуката отвора сериозни прашања за идното регулирање на работничките права во културата, особено за платите, коефициентите и начинот на нивно утврдување.

Пред зградата на Уставниот суд, уметниците го отсвиреа посмртниот марш, како симболичен протест против одлуката со која се укинува Колективниот договор за културата.

До 1 април 2027 година останува период во кој Министерството за култура и синдикатите треба да постигнат договор за ново решение. Во меѓувреме, вниманието е насочено кон тоа дали новиот договор ќе ги зачува досега стекнатите права на вработените во културата.

Слични Објави