Прва приватна инвестиција во Индустриската зона во Новаци

Во Индустриската зона во Новаци, денес 20 ноември, беа поставени темелите на првата приватна инвестиција, означувајќи значаен чекор за развојот на општината. Локалниот жител Зоран Николовски – Поката започна со изградба на автомеханичарска работилница, прва од многуте планирани инвестиции во оваа зона.


Со цел да обезбеди соодветна инфраструктура во Индустриската зона, Општина Новаци започна реконструкција на локалниот пат од поштата до Златен клас (крак 1 и крак 2), со вкупна вредност од 35,5 милиони денари, финансирани од Министерството за транспорт и врски. Во наредниот период ќе започне реконструкцијата на крак 3, со вредност од 19,5 милиони денари, од кои 6 милиони денари се обезбедени од Министерството, а остатокот од буџетот на општината.

Дополнително, во изградба е нова канализација и водовод на двата краци, со инвестиција од 4,7 милиони денари, финансирани од општинскиот буџет.
Во текот на следната година, општината планира значителни инвестиции за уредување на внатрешната инфраструктура во Индустриската зона.

„Она што пред три години беше само ветување, денес станува реалност. Првата инвестиција е само почеток на многу проекти што ќе го трансформираат Новаци во центар на економски развој,“ изјави Стевче Стевановски Градоначалник  на општина Новаци.

Овој проект е симбол на растот и развојот на Новаци, поттикнувајќи ја локалната економија и обезбедувајќи подобри услови за инвеститорите и жителите.

Слични Објави