Прилепската болница утре со настан по повод „Денот на предвреме родените деца“



Неонатолошкото одделение при Општата болница во Прилеп утре, 17 ноември, ќе го одбележи „Денот на предвреме родените деца“ – настан посветен на поддршка, хуманост и благодарност за најмалите борци и нивните семејства. Акцијата ќе се одржи во периодот од 09:00 до 13:30 часот, во ходникот на болницата, каде што граѓаните ќе можат да учествуваат со хуманитарни донации.

Организаторите велат дека овој ден претставува важна можност да се истакне значењето на грижата за предвреме родените деца, како и поддршката што им е потребна на нив и нивните родители.

„Неонатолошкото одделение е местото што нè поврзува со најубавите моменти и најпозитивните случувања – местото каде што секој мал живот започнува своја голема приказна. Најмалите херои заслужуваат голема поддршка – а ние можеме да бидеме дел од нивната приказна“, истакнува Данче Оклеска од одделението.

И оваа година, со посебна радост, се собрани ваучери и производи кои на посетителите ќе им се доделуваат во замена за донации. Од болницата ги повикуваат сите заинтересирани граѓани, компании и организации да се вклучат и да дадат свој придонес.

Настанот има за цел да испрати силна порака на солидарност, надеж и љубов кон најмалите пациенти, а персоналот на одделението истакнува дека секоја поддршка е исклучително значајна.

Слични Објави