Прилепчанките Ања, Лина и Елена повторно со репрезантацијата на Македонија

Три млади фудбалерки од ЖФК „Цевитана“ од Прилеп по третпат добија повик за настап во У-15 репрезентацијата на Македонија. Станува збор за Ања Милеска (среден везен играч), Лина Јосифоска (бек) и Елена Момироска (стопер), кои ќе бидат дел од тренинг-кампот на националниот тим во Дојран.



Овој повик е уште една потврда за нивниот континуиран напредок, квалитет и посветеност, како и за успешната работа во ЖФК „Цевитана“, под стручно менторство на тренерката Катерина Милеска. Нејзината посветеност, мотивација и професионален пристап се клучни за развојот на младите фудбалерки и нивните сè поголеми успеси.

Ања Милеска, која настапува како среден везен играч, ја поврзува одбраната со нападот и ја води играта на тимот. Полусезоната ја заврши со 15 постигнати голови и голем број асистенции.
Лина Јосифоска, на бековската позиција, се одликува со брзина, сигурност и храброст, успешно ја затвора својата страна и често се вклучува и во офанзивните акции.
Елена Момироска, како стопер, е столб на одбраната – силна, смирена и ефикасна во запирањето на противничките напаѓачки.

Повикот за овие три фудбалерки е значајно признание и за ЖФК „Цевитана“, кој со својата работа се вбројува меѓу најуспешните екипи во младинската конкуренција, придонесувајќи за развојот и афирмацијата на женскиот фудбал во Прилеп и во Македонија.

На Ања, Лина и Елена им посакуваме многу успех и веруваме дека достоинствено ќе го носат дресот на македонската репрезентација и ќе продолжат да остваруваат уште поголеми резултати во иднина.

Слични Објави