НАГРАДЕНИ БИТОЛСКИТЕ РАКОМЕТАРИ КОИ УЧЕСТВУВАА НА СВЕТСКОТО ПРВЕНСТВО
На денешниот прием организиран од градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, беа наградени ракометарите од РК „Еурофарм Пелистер“, кои беа дел од македонската машка ракометна репрезентација на Светското првенство во ракомет кое се одржа од 14 јануари до 2 февруари 2025, во Хрватска, Данска и Норвешка. На средбата, градоначалникот им се заблагодари на ракометарите за нивниот труд и посветеност, со кои ја претставуваа Македонија на овој голем турнир, додека потврдија и значајниот спортски напредок на битолската ракометна сцена.








Градоначалникот Коњановски им додели плакети на играчите: Филип Кузмановски, Петар Атанасијевиќ, Павле Атанасијевиќ, Жарко Пешевски, Ненад Костески и Никола Митревски, за нивниот особено значаен придонес во македонската репрезентација. Тој, исто така, изрази благодарност и за битолските ракометари Иван Галевски и Валентин Карасманакис, кои се дел од РК „Алкалоид“.
„Битола има голем спортски потенцијал, но и значајни ракометни успеси. Ви благодарам, што бевте дел од една силна екипа, која со својата храброст и тактичност се избори за пласман на Светското првенство, деветто во нашата историја. Вие сте наша гордост, а Вашите достигнувања се резултат на долга и напорна работа“, рече градоначалникот Коњановски на денешната средба.
Ракометарите, пренесувајќи ги своите искуства од првенството, се заблагодарија за поддршката од градоначалникот и соработката со Општината.