„Прилепска пиварница“ донираше нов систем за микробиолошки анализи во Центарот за јавно здравје – Прилеп
Нов систем за микробиолошки анализи на водата во Центарот за јавно здравје – Прилеп

Вредната донација од АД „Прилепска пиварница“ значително ќе ја зголеми ефикасноста и прецизноста во секојдневната работа на лабораторијата.
Микробиолошката лабораторија при ЈЗУ Центар за јавно здравје – Прилеп доби нова, современа опрема која значително ќе ги унапреди стандардите за контрола и анализа на квалитетот на водата.
Станува збор за нов систем за мембранска вакуум филтрација, кој е обезбеден благодарение на донацијата од компанијата АД „Прилепска пиварница“.
Новата опрема директно ќе влијае врз оптимизацијата на работните процеси, овозможувајќи побрзи, поефикасни и попрецизни микробиолошки анализи на примероците од вода, што е од клучна важност за заштита на здравјето на граѓаните од регионот.
Од Центарот за јавно здравје – Прилеп упатија јавна благодарност до раководството на „Прилепска пиварница“ за изразената општествена одговорност и поддршката на здравствениот сектор.
„Благодарност до АД ’Прилепска пиварница‘ за донацијата на новиот систем за мембранска вакуум филтрација, кој значително ќе го подобри процесот на микробиолошки анализи на водата и ќе ја зголеми ефикасноста во нашата секојдневна работа“, истакнаа од Центарот.
Оваа донација е уште еден пример за успешна соработка меѓу локалниот бизнис сектор и јавните здравствени установи, со заднички цел – повисок квалитет на услугите за заедницата.


