Прилеп ќе има функционална професионална сала за тренинзи и натпревари
Денеска општина Прилеп ја посети министерот за спорт, Борко Ристовски, посетата е по иницијативата на Општина Прилеп и спортските работници од градот, со цел спортските сали да бидат ставени во функција.
Беа посетени двете сали – Универзалната и сала Македонија, кои веќе со децении не се во функција.
Министерот по првичната посета на салите вети дека во најбрз можен рок Универзална сала ќе биде ставена во употреба и со потребните градежни зафати ќе бидат анулирани недостатоците, како и пречките од имотно – правна природа и до почетокот на натпреварувачката сезона септември/октомври, Прилеп ќе има функционална професионална сала за тренинзи и одржување на репрезентативни натпревари.
„За тоа дека се грижиме за развојот на спортот и дека тоа што го ветивме го исполнуваме, односно враќање на функционалноста на спортските сали во Прилеп, говори и тоа што прв министер од новата Влада што ја посетува нашата општина е токму министерот за спорт, Борко Ристовски, со кого како локална власт дискутиравме за итно решавање на еден од нашите најгорливи проблеми кои со децении се провлекува-недостиг на професионална спортска сала за одржување на квалитетни спортски натпревари.
И во иднина како Локална самоуправа ќе даваме максимална поддршка на спортот во Прилеп и на спортските клубови, бидејќи Прилеп и прилепчани заслужуваат да имаат подобри услови за спортување и за напредок и успех на сите наши клубови и спортски работници.“ изјави градоначалникот на Прилеп Борче Јовчески.
Фото – Општина Прилеп