Објавени резултатите од повикот за клими

Општина Битола ја објави прелиминарната листа на добитници по јавниот повик за надоместување на дел од трошоците на граѓаните за набавка на инвертер клима уреди за 2025 година. Од вкупно 575 поднесени апликации, условите ги исполниле 134 граѓани, кои се најдоа на листата за добивање на субвенции.

Средствата предвидени со повикот, во вкупен износ од 3.000.000 денари, се распределени согласно условите од точка 3.1 на повикот, и го вклучуваат и персоналниот данок на личен доход од 11,111%. Субвенциите се дел од заложбите на локалната самоуправа за унапредување на енергетската ефикасност и намалување на аерозагадувањето преку поттикнување на користење енергетски поефикасни системи за греење и ладење.

Од Општина Битола информираат дека сите незадоволни апликанти имаат право да поднесат приговор на прелиминарната листа. Приговорите се доставуваат исклучиво во писмена форма, на приемните шалтери во општинската зграда, со јасна назнака: „Приговор по јавен повик за надоместување на дел од трошоците за набавка на инвертер клима уреди за 2025 година“. Крајниот рок за поднесување е понеделник, 2 јуни 2025 година, до 15:00 часот.

Комисијата задолжена за разгледување на апликациите ќе ги разгледа сите пристигнати приговори во рок од три дена по завршување на рокот за поднесување. Потоа ќе биде изготвена и објавена конечната листа на добитници, која ќе биде достапна на официјалната веб-страница на Општина Битола.

Слични Објави