Прилепчанецот Георги Николоски ќе ја претставува Македонија на Меѓународната олимпијада по биологија на Филипините

Ученикот Георги Николоски од Гимназија „Мирче Ацев“ Прилеп ќе ја претставува Македонија на претстојната Меѓународна олимпијада по биологија, која ќе се одржи во јули на Филипините.

На Вториот селекционен натпревар, што се одржа во просториите на Природно-математичкиот факултет во Скопје, беа избрани четворицата најдобри ученици од државата кои ќе учествуваат на ова престижно натпреварување.

Од прилепската гимназија учествуваа двајца ученици, Георги Николоски и Ивана Атанасоска, кои се натпреваруваа со најдобрите девет ученици од целата држава што го поминаа првиот селекционен круг. Николоски, кој е ученик во трета година, оствари најдобар резултат и се пласираше на првото место, додека Атанасоска го освои шестото место.

Двајцата ученици работеа под менторство на професорката Софија Крстеска, која со гордост истакна дека нивниот успех е резултат на голем труд, посветеност и љубов кон биологијата.

Олимпијадата на Филипините ќе биде можност за нашите млади таленти да го покажат своето знаење и да се натпреваруваат со најдобрите ученици од целиот свет. Им посакуваме многу успех и достојно претставување на Македонија!

Слични Објави