Во Битола поскапуваат комуналните услоги – Коњановски очекува разбирање од граѓаните

Градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски, во видео обраќање. најави дека во периодот што следува можно е коригирање на цените на услугите на јавните претпријатија, со цел тие да станат поодржливи и поефикасни во своето работење.



Во своето обраќање до јавноста, Коњановски истакна дека јавните претпријатија со години се соочуваат со сериозни предизвици, меѓу кои се енергетската криза, растот на минималната плата и потребата од вложувања во нова механизација.

„Секое јавно претпријатие се соочува со свои специфични проблеми. Последните години, енергетската криза силно влијаеше врз нивното работење, а зголемувањето на платите, кое е законска обврска, дополнително ги зголеми трошоците. Истовремено, неопходни се инвестиции во нова механизација, која денес е попотребна од кога било“, посочи градоначалникот.

Тој потсети дека Општина Битола е пред значителна градежна офанзива, при што јавните претпријатија ќе имаат клучна улога во реализацијата на проектите добиени со поддршка од Владата.

„Во Битола постојат јавни претпријатија кои со години не ги имаат коригирано цените на услугите. Како пример, цените на комуналните услуги не се променети уште од 1994 година, што е неодржливо со оглед на сегашните економски услови“, изјави Коњановски.

Според него, по примерот на други општини, Битола е исправена пред предизвикот за умерено зголемување на цените, иако тоа не е популарна мерка.

„Ова не е лесна одлука, но е неопходна доколку сакаме да имаме јавни претпријатија кои ќе бидат финансиски постабилни, посамостојни и поефикасни во давањето услуги на граѓаните“, нагласи градоначалникот.

Коњановски изрази уверување дека граѓаните ќе имаат разбирање за ваквата мерка, имајќи ја предвид потребата од одржлив и функционален систем на јавни услуги во Битола.

Слични Објави