Пријави проблем
Е-услугата „Пријави проблем“ треба секоја општина да ја има на својата веб страна. Електронска услуга воведена од страна на институциите со цел олеснување на пристапот, скратување на времето за доставување на документи и да се избегне одењето по шалтери. Во секој случај целата процедура е многу побрза и за граѓаните, а секако се олеснува и работата на вработените во институцијата.
Но која е реалната слика? Како и колку се користи оваа е-услуга на терен од страна на житетлите?
Од истражувањето спроведено од АГТИС во деветте оштини од Пелагонискиот Плански Регион преку „Е-центатот за едукација и употреба на е-услуги“, дознавме дека сите општини имаат поставено форма пред неколку години, но жителите посебно од руралните општини Новаци, Могила, Долнени, па и од поголемите општини, преферираат своите проблеми да ги кажат преку директен контакт со вработен од општината или најчесто сакат да се сретнат со градоначалникот.
Како алтернативен начин за пријавување на проблем, дел од граѓаните ја користат и платформата на социјалната мрежа Facebook, преку официјалната ФБ страна на општината – велат од општина Кривогаштани.
Интересна е информацијата дека во речиси сите општини, интерес за користење на оваа е-услуга преку веб страните на општините имало на почетокот, кога оваа е-услуга била овозможена, но со текот на времето, граѓаните повторно се навратиле кон класичниот начин на пријавување на проблемите, иако е-услугата е сѐуште достапна и функционира.
Во руралните општини сметаат дека ова е последица на тоа што местата се мали, па на граѓаните воопшто не им претставува проблем да остварат физичка средба, со цел да пријават одреден проблем, иако електронското пријавување е побрзо и полесно. Веројатно физичката средба влева кај граѓаните и дополнителна доверба дека проблемот ќе биде решен.