Кривогаштани се приклучува кон „16 дена активизам против насилството“
Општина Кривогаштани во соработка со ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување, утре, 5 декември, со почеток од 13 часот, во Домот на културата во Кривогаштани ќе организира Форум театар на тема „Насилство и врсничко насилство“.
Настанот се реализира во рамки на глобалната кампања „16 дена активизам против родово заснованото насилство“, со цел подигнување на јавната свест за семејното и родово заснованото насилство и испраќање јасна порака против сите форми на насилство.
Форум театарот претставува интерактивен и едукативен пристап преку кој младите активно се вклучуваат во дискусија за причините, последиците и можните решенија на врсничкото и семејното насилство. Настанот е резултат на партнерска соработка меѓу локалната самоуправа, граѓанските организации и младинскиот активизам.
Театарската претстава е подготвена од младинската волонтерска група на ХЕРА, во соработка со Здружението „Рубикон“.
Организаторите ги повикуваат граѓаните да присуствуваат и да дадат поддршка на овој значаен настан.



