| | |

„Ние гледаме луѓе” – 80 години Црвен Крст – Демир Хисар

По повод 80-годишнината од формирањето на Црвениот крст на РМ, во просториите на Домот на културата „Илинден“, а во рамки на активностите кои ги реализира ОО Црвен крст, на 11 Март 2025 во Демир Хисар беше организирана пригодна манифестација под мотото „Ние гледаме луѓе”. Овие активности секогаш се потпираат на хуманитарните вредности и принципи и имаат за цел да ги апострофираат заложбите на организациите, но и да испратат една универзална порака дека од суштинско значење е улогата и придонесот на сите општествени чинители во градење на силни локални заедници, придружувани и поддржани од волонтерите кои несебично се грижат за луѓето на кои им е потребна помош.

На свечената церемонија присуствуваше и потпретседателката на Црвениот крст на Р.Македонија, д-р Лиљана Ристевска која, во своето обраќање изрази голема благодарност до градоначалникот Никола Најдовски што како локална самоуправа беспрекорно ги поддржуваат сите иницијативи и програмски активности на Црвениот крст Демир Хисар. Воедно, во знак на успешна и значајна соработка потпретседателката му врачи признание за посебен придонес во остварувањето на задачите.

Претседателката на ОО Црвен крст, Демир Хисар, Даниела Карчевска, ги поздрави присутните и во нејзино лично име и во името на Секретарот на ОО Црвен крст, Демир Хисар упати искрени честитки по повод големиот јубилеј. Карчевска, говореше за актуелната состојба на организацијата, за посветената хуманитарна работа и мисијата водејќи се од основните принципи на движењето на Црвениот крст.

Со срдечени честитки по повод јубилејот, а меѓу другото, посакувајќи уште многу успеси, во своето обраќање градоначалникот Никола Најдовски потенцираше дека, локалната самоуправа секогаш е лојален соработник во поддршката за реализација на сите предвидени активности, а која, исто така, ќе продолжи и во иднина.

Во минатото, Општинската организација на Црвениот крст, Демир Хисар на различни нивоа ја воделе сега веќе пензионирани секретари и претседатели кои, всушност, претставуваат значајни фигури во историјата на организацијата. По однос на предизвиците со кои се соочувала организацијата во различните периоди, како и за спроведените хуманитарни иницијативи и програмските заложби за помош на ранливите групи во општеството, зборуваа Љубе Димчевски – поранешен претседател и Иванчо Најденковски – поранешен секретар на Црвен крст, Демир Хисар.

Слични Објави