Пожарот во близина на железничката пруга во Прилеп ставен под контрола
Пожар избувна денеска во близина на железничката пруга, во непосредна близина на Стопанскиот двор на ЈКП „Комуналец“ во Прилеп.
Според информациите од Општина Прилеп, пожарот е целосно ставен под контрола по брзата интервенција на екипите на Територијалната противпожарна единица (ТППЕ) Прилеп и вработените во ЈКП „Комуналец“.
Во интервенцијата биле ангажирани противпожарни возила и градежна механизација. Од Општината информираат дека во моментот нема опасност за платото за селекција на отпад, ниту опасност од понатамошно ширење на пожарот.
Сепак, по последните случувања поврзани со пожари во Прилеп, инцидентот предизвика загриженост кај дел од граѓаните. Од Општина Прилеп велат дека постојат сомнежи оти пожарот можеби бил намерно предизвикан, но нагласуваат дека причините треба да ги утврдат надлежните институции.
До надлежните органи, како што се наведува во соопштението, се доставени расположливите информации и докази, а се очекува истрагата да ги утврди причините за избувнувањето на пожарот и евентуалната одговорност.
Од Општината упатија апел до граѓаните да не шират непроверени информации и да не создаваат дополнителна загриженост во јавноста.
Од Општина Прилеп воедно упатија благодарност до припадниците на ТППЕ Прилеп, вработените во ЈКП „Комуналец“ и сите останати кои учествувале во интервенцијата.


