Пожар кај „Терминалот“ во Прилеп, гори натрупан текстилен отпад
Голем пожар попладнево избувна во кругот на поранешниот Сточен пазар, во месноста позната како „Терминалот“ во Прилеп. Според првичните информации, огнот зафатил поголема количина натрупан текстилен отпад, како и сунѓер и пластичен материјал.
Од местото се издига густ црн чад, кој е видлив од повеќе делови на градот и околината. Поради видот на материјалот што гори, во воздухот се шири и непријатна миризба, поради што жителите од околните населби реагираат и бараат навремена интервенција од надлежните служби.
На терен се екипи на Територијалната противпожарна единица Прилеп, кои со повеќе возила работат на локализирање на пожарот. Гаснењето е отежнато поради тоа што отпадот е натрупан во големи количини, а дел од жариштата се наоѓаат под површината на материјалот.
Во справувањето со пожарот се очекува да биде ангажирана и тешка механизација, со која опожарениот материјал ќе се прекрива со земја, со цел да се спречи повторно разгорување на жариштата.
Засега нема информации за повредени лица, ниту за причините поради кои избувнал пожарот. Надлежните служби треба да утврдат и колкава површина и количина отпад се зафатени со огнот.
Пожарот повторно го отвора и прашањето за складирањето и управувањето со текстилниот и друг индустриски отпад на овој простор, особено поради ризикот од пожари и влијанието врз квалитетот на воздухот во околните населени места.
Состојбата на терен и понатаму се следи, а повеќе информации се очекуваат по завршувањето на интервенцијата на противпожарните екипи.


