Љутков во Прилеп: Прва работна посета на министерот за култура и туризам
Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, денес (четврток, 10 април 2025 година) ќе ја оствари својата прва официјална работна посета на Прилеп. Заедно со државниот секретар Марија С. Ѓоргова, министерот ќе ги посети неколку значајни културни и духовни локации во општината.
Посетата се реализира во чувствителен момент за културниот живот на градот, откако неодамна беа ставени вон употреба салата на Народниот театар „Војдан Чернодрински“, големата сала на Центарот за култура „Марко Цепенков“, како и киното „Мис Стон“. Овие затворања отворија бројни прашања во јавноста за иднината на културните настани и институции во Прилеп. Во рамките на агендата, министерската делегација ќе ја посети Националната установа Центар за култура „Марко Цепенков“, по што ќе следат посети на значајни објекти и локалитети: црквата „Св. Благовештение“, археолошкиот локалитет Стибера, како и манастирскиот комплекс „Трескавец“, едно од највпечатливите духовни светилишта во Македонија.
Како што најавуваат од кабинетот на министерот, на Трескавец се планирани изјави за медиумите, каде што се очекува министерот Љутков да се осврне на предизвиците и плановите за развој на културната инфраструктура во Прилеп и регионот. Оваа посета се гледа како прв сигнал за посветеност на новото раководство во Министерството за култура и туризам кон решавање на горливите проблеми и унапредување на културната и туристичката понуда во внатрешноста на земјата.
Погледнете ја целата програма:

