| |

Општина Прилеп на меѓународната конференција во Тирана – Регионална соработка за подобро локално владеење

Локалната самоуправа како двигател на регионалната соработка – Општина Прилеп на Synergy 2025 Conference во Тирана

Тирана беше домаќин на меѓународната конференција „Synergy among local governments in regional cooperation – 2025 Conference“, каде што учество зедоа бројни градоначалници и претставници на локални самоуправи од Балканот, меѓу кои и претставници од Општина Прилеп. Конференцијата имаше за цел да поттикне соработка меѓу локалните власти и граѓанските организации, како и да ја зајакне регионалната интеграција на патот кон Европската Унија.

Претставниците на Општина Прилеп активно учествуваа во панел-дискусиите, каде што се разговараше за предизвиците и можностите во зајакнувањето на меѓуопштинската соработка. Посебен акцент беше ставен на улогата на граѓанските организации во креирањето и имплементацијата на политики кои директно влијаат врз квалитетот на животот на граѓаните.

„Вистинското партнерство меѓу општините и граѓанските организации се заснова на доверба, транспарентност и инклузивност. Граѓанските организации не се само коректор на локалните политики, туку и клучен партнер во создавањето и спроведувањето на решенија кои директно влијаат врз подобрувањето на животот на граѓаните,“ истакна Борче Јовчески градоначалник на општина Прилеп.

Еден од клучните предизвици останува вклучувањето на граѓаните во процесите на донесување одлуки. Решението се гледа во отворање на нови комуникациски канали, дигитални платформи за партиципативно буџетирање и редовни консултации, со што би се зголемила нивната активна улога во локалното владеење.

Дополнително, беше посветено внимание на регионалната и прекуграничната соработка како суштински чекор за евроинтеграцијата на општините. Преку програми како Western Balkans Fund (WBF) и Инвестициската рамка за Западен Балкан (WBIF), локалните власти добиваат можност за заеднички проекти, размена на искуства и усогласување со европските стандарди.

„Општина Прилеп веќе активно работи на прекугранични проекти кои ја зајакнуваат регионалната соработка и останува посветена на иницијативи што ќе придонесат за подобрување на условите за живот и развој на заедницата,“ беше нагласено на конференцијата.

Конференцијата Synergy 2025 во Тирана ја потенцираше важноста на институционализираната соработка, дијалогот и заедничките иницијативи за градење на поодржливи и поинклузивни локални заедници. Општина Прилеп останува активен партнер во овие процеси, подготвена да се соочи со нови предизвици и можности за напредок.

Слични Објави