Повторно сообраќајка на улицата „Тризла“ кај ООУ „Добре Јованоски
Нова сообраќајна незгода утрово се случи на улицата „Тризла“, на раскрсницата во непосредна близина на ООУ „Добре Јованоски“, уште еднаш отворајќи го прашањето за безбедноста на оваа фреквентна сообраќајна точка.
Ова не е првпат на ова место да се случи сообраќајна незгода. Во денешната сообраќајна незгода, за среќа, нема повредени лица, а причинета е само материјална штета на двете возила.
Во минатото, токму на оваа раскрсница се случија и тешки сообраќајни несреќи со човечки жртви, по што граѓаните во повеќе наврати апелираа до надлежните институции да преземат дополнителни мерки за зголемување на безбедноста.
На делницата веќе има поставен сообраќаен знак кој предупредува на близина на училиште, како и легнат полицаец. Сепак, честите незгоди наметнуваат прашање дали постојните мерки се доволни или е потребно дополнително уредување на сообраќајот.
Дали причината е неприспособената брзина, непрописно паркираните возила кои ја намалуваат прегледноста, непочитувањето на сообраќајните правила или, пак, е потребна поинаква сообраќајна организација? Граѓаните сметаат дека е неопходна детална анализа од надлежните институции и преземање конкретни чекори за да се спречат нови сообраќајни незгоди, особено ако се има предвид дека станува збор за локација во непосредна близина на основно училиште, каде секојдневно се движат голем број ученици, родители и пешаци.
Останува да се види дали по денешната незгода надлежните ќе излезат со конкретни решенија кои ќе придонесат за поголема безбедност на оваа критична сообраќајна точка.



