БИТОЛА ВЕЛОСИПЕДСКИ ГРАД!
Деновиве започна асфалтирањето на првиот дел од велосипедските патеки на улица „Партизанска“ во Битола, проект кој ќе продолжи и во наредните денови. Овој значаен проект ќе ги подобри условите за велосипедистите во градот, а по неговото завршување, Битола ќе добие повеќе од 5 километри нови велосипедски патеки, кои ќе создадат една заокружена велосипедска целина.
Реконструкцијата се изведува на веќе постоечките тротоари, кои ќе бидат проширени до ширина од 3 метри, без да се нарушува зелениот појас на улиците. Проектот е внимателно планиран така што ќе овозможи безбедно движење на велосипедистите, додека ќе се зачуваат и природните елементи на градската средина.
Реконструкцијата ќе се изведува на делови од улиците „Васко Карангелевски“ и „Партизанска“. На улица „Васко Карангелевски“ ќе се обноват тротоарите на десната страна, од кружниот тек кај „Педагошка“ до кружниот тек кај „Веро“. На улица „Партизанска“ пак, реконструкцијата ќе се изведува на делови од десната страна, од крстосницата со улица „Тодор Паница“ до крстосницата кај „Градско шеталиште“, како и на левата страна, од кружниот тек кај „Веро“ до крстосницата кај „Градско шеталиште“.
Проектот се реализира од страна на Општина Битола, која со сопствени средства реши да го изврши, откако претходно не беше поддржан предлогот за изградба на велосипедски патеки со средства од Европската унија во рамките на проектот „Smart4You2“. Оваа инвестиција е резултат на долгогодишни барања на граѓаните за подобрување на вело-инфраструктурата во Битола, кои сега конечно ќе добијат соодветно решение.
Со оваа реконструкција, градот ќе биде поеколошки и пофункционален, со зголемена безбедност за велосипедистите, а истовремено ќе се поттикне и развојот на зелените транспортни решенија.