„Од 0 до КултурА“ продолжува со концерт на култниот битолски бенд „Паркети“

Проектот „Од 0 до КултурА“ продолжува да ја збогатува културната сцена со уште еден музички настан. Овојпат, љубителите на автентичниот звук ќе имаат можност да уживаат во концерт на култниот битолски бенд „Паркети“, група која со својот препознатлив стил остави длабока трага на македонската алтернативна сцена.

Концертот ќе се одржи на Камената бина на плоштад „Александрија“, четврток во 21:00 часот.

„Ќе направам бал, ќе те поканам тебе…“ – стиховите од една од најпознатите песни на „Паркети“ се само дел од препознатливата поетика на бендот, која со години ги освојува слушателите со својата едноставност, искреност и специфичен хумор.

„Паркети“ се формирани кон крајот на осумдесеттите години во Битола, во период кога панк и андерграунд сцената веќе имала свои легенди, но локалната музичка сцена сè уште била малку развиена. Во време кога постоеле само неколку бендови кои создавале авторска музика и мал број места каде можела да се слушне поинаква музика, „Паркети“ успеваат да изградат свој уникатен израз.

Со појавата на приватните радија и телевизии по распадот на Југославија, демо-бендовите добиваат поголем простор за промоција, а „Паркети“ стануваат едни од најпрепознатливите имиња на локалната сцена.

Нивниот звук отсекогаш бил специфичен и лесно препознатлив. Текстовите се карактеризираат со рима, игра на зборови и таканаречена „апстрактност“, која е еден од нивните заштитни знаци. Песната „Супермен“ е одличен пример за нивниот необичен пристап: „Нешто лета, црвено е, дали е вентилатор? Не е обожавател – тоа е Супермен.“

Првиот албум на „Паркети“, „Гриза на совеста“, е снимен во 1996 година, а две години подоцна следува и вториот албум, „Газирана хармонија“. По промените во составот, Сашо Паркет повторно се враќа во бендот на почетокот на новиот милениум, продолжувајќи ја приказната на групата.

Иако во нивното творештво се застапени различни теми, членовите на бендот често нагласуваат дека љубовните песни се најискрениот дел од нивниот опус. Меѓу познатите песни се издвојуваат „Топка“, „Мислам“, „Најмногу на целиот свет“, „Мала пролет“, „Барбара“, „Песна со најубави ноти“ и „На месечината те заборавив“.

Публиката ќе има можност да ги слушне и песните без конкретна тема, како „Портокалови“, „Оси“, „Муви“, „Едно млеко и едно кафе“, „Ева Мендез“ и други, како и нумери со општествени и лични пораки, меѓу кои „Brown dwarfs“, „We love“, „Clara smokes weed“ и „Sweet vegetarian“.

На концертот ќе бидат изведени и познати песни како „Aco kabadaya“, „Sugar“ и „Bandiera Rosa“.

„Од 0 до КултурА“ уште еднаш покажува дека културата, музиката и наследството на локалните уметници заслужуваат свое место пред публиката. Прилеп ќе биде домаќин на вечер исполнета со енергијата, носталгијата и оригиналниот звук на „Паркети“.

А ОТВ, задно со АГТИС остануваат посветни да ги документираат овие настани.

Слични Објави