ПОВЕЌЕ ОД ПОЛОВИНА ВОДАТА СЕ ГУБИ ВО ВОДОВОДНАТА МРЕЖА, СТУДЕНЧИЦА ИСПОРАЧУВА 180 ЛИТРИ ВО СЕКУНДА
Прилеп во моментов добива околу 180 литри вода во секунда од регионалниот водоснабдителен систем „Студенчица“, додека издашноста на изворот за само 7 до 8 часа се намалила за повеќе од 40 литри во секунда. Ова го соопшти директорот на ЈП „Водовод и канализација“ – Прилеп, Ѓоко Јочкоски, на денешната прес-конференција посветена на состојбата со водоснабдувањето во градот.
Според Јочкоски, водоснабдувањето засега е стабилно, но намалените количини вода од Студенчица, особено во комбинација со зголемената потрошувачка во неделите, создаваат дополнителен притисок врз системот.
Во неделите потрошувачката надминува 450 литри во секунда, што, според директорот, е повеќе од двојно во однос на вообичаените денови. Како една од причините ја посочи целодневната евтина тарифа на електричната енергија, поради која граѓаните во недела трошат значително повеќе вода.
При последното намалување на дотокот, претпријатието привремено го намалило притисокот во водоводната мрежа, особено во повисоките делови на градот, за да обезбеди водоснабдување во останатите делови.
Од минатата недела е започната процедурата за добивање на потребните дозволи и здравствени анализи за вклучување на бунарските постројки. Јочкоски најави дека се очекува тие да бидат ставени во функција во наредниот период, со што би се надминале проблемите при зголемената потрошувачка и намалениот доток од Студенчица.
Како дополнителен извор се посочени старите градски извори, од кои во моментов се обезбедуваат околу 25 до 26 литри вода во секунда. Во интервентниот систем постојат околу 20 бунарски постројки со вкупен капацитет од 170 до 180 литри во секунда, но тие не се предвидени за континуирано целогодишно користење.
Директорот упати апел до граѓаните за рационално користење на водата, особено во неделите, кога потрошувачката е најголема.
ПОВЕЌЕ ОД ПОЛОВИНА ВОДА СЕ ГУБИ ВО СИСТЕМОТ
Еден од посериозните проблеми со кои се соочува прилепскиот водовод се загубите на вода. Според податоците на претпријатието, тие изнесуваат околу 50 до 53 проценти.
Како едно од критичните подрачја Јочкоски ја посочи населбата Тризла, каде што, и покрај делумната реконструкција на мрежата преку проект финансиран од Кајзен банка, сè уште има значителни истекувања. Според неговото објаснување, дел од загубите се последица на истекувања кои тешко се откриваат и контролираат, како и на неисправни вентили и постојано истекување кај дел од корисниците.
Водоводната мрежа во Прилеп е долга околу 280 до 290 километри, а реконструирана е приближно половина. Најголемиот број дефекти се јавуваат на старите азбестцементни цевки и цинкованите приклучоци.
Годишно претпријатието евидентира меѓу 850 и 950 дефекти. Јочкоски објасни дека кај старите азбестцементни цевки често се случува по санирањето на едно истекување, нов дефект да се појави во непосредна близина, поради дотраеноста и кршливоста на материјалот.
Според него, таму каде што е извршена реконструкција со современи полиетиленски цевки, бројот на дефекти е значително намален.
ЈП „ВОДОВОД“ ДОЛЖИ ОКОЛУ 40 МИЛИОНИ ДЕНАРИ
На прес-конференцијата стана збор и за финансиската состојба на претпријатието. Јочкоски потврди дека ЈП „Водовод и канализација“ има вкупни обврски од околу 40 милиони денари, од кои приближно 12 милиони денари се долг кон ЈП „Студенчица“.
Тој посочи дека станува збор за наследени обврски кон добавувачи, кои актуелното раководство постепено се обидува да ги сервисира. Финансиската состојба на претпријатието, како што призна, не е задоволителна и во моментов не дозволува самостојно преземање поголеми активности за реконструкција на водоводната мрежа.
ДИГИТАЛНИ ВОДОМЕРИ И НЕЛЕГАЛНИ ПРИКЛУЧОЦИ
Во рамките на пилот-проект за дигитално отчитување поставени се околу 1.500 до 2.000 водомери. Јочкоски призна дека постојат проблеми во нивното функционирање и дека претпријатието сè уште ги согледува придобивките и недостатоците на овој начин на отчитување и фактурирање.
Во однос на нелегалните приклучоци, директорот посочи дека претпријатието нема посебна служба за нивно откривање. Контролите се вршат во рамките на редовната работа, а често се постапува и по дојави од граѓани, кои не секогаш се покажуваат како точни.
НАЈАВЕНА ОПРЕМА ЗА ОТКРИВАЊЕ НА ДЕФЕКТИ
Преку проект за прекугранична соработка со Општина Прилеп и два грчки партнери, во тек е имплементација на активности со кои претпријатието треба да добие специјализирано возило за откривање дефекти, возило за потребите на канализацијата и дополнителна опрема поврзана со постојниот ГИС-систем.
Предвиден е и пилот-проект на една улица, каде што ќе се мерат количините на вода пред и по санирањето на дефектите, со цел да се утврди ефектот од интервенциите врз намалувањето на загубите.
Според Јочкоски, еден од најголемите проблеми не е само санирањето, туку и самото лоцирање на истекувањата, особено кога водата не избива на површината, туку се слева во канализацискиот систем.
И покрај најавите за активирање на дополнителните извори и набавка на нова опрема, бројките што ги презентираше раководството покажуваат дека Прилеп се соочува со сериозни инфраструктурни и финансиски проблеми: повеќе од половина од водата се губи во мрежата, околу половина од цевководите сè уште не се реконструирани, а претпријатието има обврски од околу 40 милиони денари.
Засега, од раководството уверуваат дека водоснабдувањето е стабилно. Но, намалената издашност на Студенчица и зависноста од интервентните бунарски постројки повторно го отвораат прашањето колку е подготвен системот да одговори на подолг период со намалени водни количини.


