Барање за Отворање канцеларија за лични документи во полициското одделение во Кривогаштани
Општина Кривогаштани поднесе барање до МВР за отворање канцеларија за управни работи
Општина Кривогаштани на 5 ноември 2026 година достави официјално барање до Министерството за внатрешни работи за отворање канцеларија за управни работи во просториите на Полициското одделение во Кривогаштани.
Со оваа иницијатива, Општината бара на граѓаните да им се овозможи полесен пристап до административните услуги, преку отворање канцеларија во која ќе можат да поднесуваат барања и да ги преземаат изработените лични документи, како што се лични карти, патни исправи и возачки дозволи.
Барањето е подготвено врз основа на иницијатива предложена од граѓаните на седницата на Локалниот совет за превенција на Општина Кривогаштани, одржана на 28 октомври 2026 година.
Од Општината посочуваат дека отворањето на ваква канцеларија ќе значи значително олеснување за жителите, бидејќи ќе се намали потребата од патување до други општини, како и трошоците и времето потребни за остварување на административните услуги.
Особено значајна придобивка би имале постарите лица, лицата со попреченост и семејствата со пониски приходи, за кои патувањето до други градови претставува дополнителен финансиски и организациски товар.
Со доставеното барање, Општина Кривогаштани го повикува Министерството за внатрешни работи да ги разгледа можностите и да ги задолжи надлежните служби да ги проценат просторните, техничките и кадровските услови за отворање и функционирање на канцеларијата на предложената локација.
Како прилог на барањето е доставен и записникот од седницата на Локалниот совет за превенција, одржана на 28 октомври 2026 година.
Целта на иницијативата е јасна – поблиски, подостапни и поедноставни административни услуги за сите граѓани на Општина Кривогаштани.


