По втор пат во Прилеп се организира фестивалот „Млеко 2023 – Вкусот на ливадите“
Слоу Фуд Прилеп оваа година по втор пат е домаќин на фестивалот Млеко:Вкусот на ливадите на кој цел и идеја ни е да им дадеме простор да бидат видени малите производители на сирење од Македонија.
Во прилепската чаршија, кај Саат кулата, утре, од 10 до 18 часот ќе се одржи манифестацијата „Млеко 2023: Вкусот на ливадите“, во организација на „Слоу фуд Прилеп“ и „Слоу фуд Македонија“, со поддршка на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и Општина Прилеп.
Овој целодневен настан ќе опфати изложба на сирења и млечни производи, но и на други производи кои одат во пар со сирењата, две едукативни и забавни работилници за деца водени од стручњаци, панел дискусија на кои ќе учестувваат млекопроизводители и експерти од областа, музичка програма итн.
- Млеката од различни раси се разликуваат исто колку и расите меѓусебно; пасиштата на кои паселе – планини, ридови, долини или чистинки; и сезоната во која било направено сирењето. Сите овие елементи се забележуваат во крајниот производ, комбинирајќи се на безброј начини за да ги дадат уникатните сирења кои ние ги сакаме – велат од организацијата, објаснувајќи го годинешниот наслов „Вкусот на ливадите“.
На штандовите во рамки на настанот, ќе се промовираат малите македонски млекопроизводители со своите уникатни млечни производи. Па така, присутните ќе имаат можност да пробаат бели сирења од различни региони, биено сирење од кравјо или овчо млеко, козји тврдо зреени сирења или сирења што многумина би го именувале со кашкавал, изварка во повеќе варијации итн. Од присутните изложувачи на сирења, ќе се избере уште еден делегат кој заедно со веќе дефинираната делегација ќе ја претставува Македонија на меѓународниот настан посветен на сирењата и млеката од целиот свет – Cheese2023 во Бра, Италија.
За да биде искуството на присутните што поцелосно, ќе бидат вклучени производители на продукти кои одлично се вклопуваат со млечните производи како вина, мед, слатка, тестетнини, крафт пива, сувомеснати производи, ракии и ликери, намази, зимници и сл. Покрај нив, ќе има и мали производители на природна козметика која исто така вклучува млеко во својата изработка, меѓу кои и најздравите млека како магарешкото и козјото. Доаѓаат производители од сите краеви на Македонија.