Пиво Фест 2026 ги откри датумите, но главното прашање останува отворено – кој ќе пее?

Од 17 до 19 јули Прилеп повторно ќе биде домаќин на Пиво Фест. Датумите се познати, но организаторите засега ги чуваат во тајност имињата на изведувачите.

Пиво Фест не е само уште еден летен фестивал. Од своето прво издание во 2002 година, манифестацијата прерасна во еден од најпрепознатливите туристички и забавни настани во државата. Низ годините, прилепската публика имаше можност да ужива во настапи на некои од најголемите музички имиња од Балканот, меѓу кои Северина, Цеца, Здравко Чолиќ, Лепа Брена, Горан Бреговиќ, Жељко Самарџиќ, Дино Мерлин, Парни Ваљак, Оливер Драгојевиќ и многу други.

Организаторите засега ги открија само датумите на најголемата летна манифестација во градот, додека имињата на музичките изведувачи остануваат добро чувана тајна. Токму тоа деновиве е главна тема меѓу прилепчани – кој ќе пее на сцената, кој ќе ја отвори фестивалската програма и дали организаторите подготвуваат некое големо изненадување.

На социјалните мрежи веќе почнаа шпекулациите. Едни се сигурни дека доаѓаат големи балкански ѕвезди, други имаат свои фаворити, а трети велат дека годинава ќе бидат задоволни и ако пивото остане ладно, а времето сончево.

Од организацијата најавуваат три дена исполнети со музика, пиво, гастрономска понуда и добра забава, но засега не откриваат повеќе детали за програмата. Со тоа, љубопитноста кај посетителите дополнително расте, а очекувањата од ден на ден стануваат сè поголеми.

И додека имињата на изведувачите се чуваат како државна тајна , до објавувањето на првите изведувачи останува само да се нагаѓа и да се чека. Едно е сигурно – од 17 до 19 јули Прилеп ќе има фестивал.

Фестивалот со децении привлекува стотици илјади посетители од Македонија и регионот, претворајќи го Прилеп во вистински центар на летната забава. Токму затоа и годинава очекувањата се големи, а љубопитноста уште поголема. Организаторите засега ги чуваат во тајност имињата на изведувачите, но ако се суди според традицијата, љубителите на добрата музика и фестивалската атмосфера имаат причина да очекуваат уште едно незаборавно издание на Пиво Фест.

Слични Објави