Во Битола ќе се игра баражот за Светското првенство во женски ракомет
Битола повторно станува центар на спортските случувања во Македонија, откако беше потврдено дека спортската сала „Боро Чурлевски“ ќе биде домаќин на натпреварот од баражот за Светското првенство во ракомет меѓу женските репрезентации на Македонија и Полска. Натпреварот ќе се одигра на 12 април, што претставува голем настан за градот, кој повторно по седум години ќе биде домаќин на репрезентативен дуел.
Последниот репрезентативен натпревар во Битола се одигра во октомври 2018 година, кога машката селекција ја совлада Турција во квалификациите за Европското првенство 2020. Овојпат, на теренот во „Боро Чурлевски“ ќе се натпреваруваат нашите најдобри ракометарки во реванш средбата против Полска, во борбата за пласман на Светското првенство кое ќе се одржи во Холандија и Германија.
Обезбедувањето на соодветни услови во салата, вклучувајќи греење и инфраструктура која ги исполнува стандардите за репрезентативни натпревари, е резултат на постојаната заложба на локалната самоуправа за поддршка на спортот. Со ова, Битола ја зацврстува својата улога како важен спортски центар во Македонија.