Прилепската болница ја изведе првата современа биолошка метода за обновување на ’рскавицата на коленото
Нов чекор во современата ортопедија во Прилеп – За првпат изведена AutoCart процедура на колен згл
Во болницата Прилеп денеска беше испишана нова страница во развојот на современата ортопедска хирургија, откако за првпат беше успешно изведена AutoCart процедура на колен зглоб.
Станува збор за современа биолошка метода за третман на оштетувања на зглобната ’рскавица, која овозможува поттикнување на природната регенерација на ткивото. Процедурата се базира на употреба на сопствени клетки и биолошки материјали од пациентот, со што се подобрува функцијата на зглобот и се создаваат услови за подобро и подолготрајно закрепнување.
Оперативниот тим кој ја изведе интервенцијата го сочинуваа ортопедот д-р Кире Јоноски како оператор, д-р Миле Милошески како асистент и медицинската сестра Жаклина Мидоска.
Од Болницата истакнуваат дека воведувањето на вакви современи медицински методи претставува значаен чекор кон унапредување на здравствените услуги во регионот и обезбедување поквалитетна грижа за пациентите.
Со оваа интервенција, Прилеп се вбројува меѓу здравствените центри кои ги следат современите трендови во ортопедската медицина, отворајќи нови можности за третман на пациентите со оштетувања на зглобната ’рскавица.
Надлежните најавуваат дека и во иднина ќе продолжат со воведување нови медицински процедури и технологии, со цел подобрување на здравствената заштита за граѓаните од Прилеп и поширокиот регион.



