Сè повеќе жртви во сообраќајки!
Македонија бележи континуиран пораст на жртвите во сообраќајни незгоди трета година по ред – надлежните предупредуваат на итна потреба од нова стратегија Македонија бележи загрижувачки тренд на зголемување на бројот на жртви во сообраќајни незгоди. Според последните податоци на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП), во 2024 година животот го загубиле 142 лица – 15 повеќе од 2023 година, кога биле евидентирани 127 жртви.
Оваа бројка претставува највисоко ниво на смртност на патиштата во последните четири години. Во 2021 година имало 116 загинати, што тогаш беше најниска бројка во последните 15 години. Но, веќе следната 2022 година таа порасна на 124, а во 2023 на 127, додека лани достигна до 142. „Во 2024 година безбедноста на сообраќајот на патиштата е неповолна. Бележиме поголем број на загинати лица во однос на претходната година“, се наведува во годишниот извештај на РСБСП.
Од Советот предупредуваат дека Македонија значително заостанува зад европските стандарди за безбедност. Просекот на земјите-членки на Европската унија е пет загинати лица на 100.000 жители годишно, што за Македонија би значело под 100 жртви. Таа цел, според извештајот, не е остварена. „Главната причина за неостварување на целите утврдени со Втората национална стратегија е нецелосната и неефикасна имплементација на мерките и политиките“, стои во извештајот.
Од РСБСП укажуваат на итна потреба од носење на нов стратешки документ – Трета национална стратегија за унапредување на безбедноста на сообраќајот на патиштата 2024–2029 година, со цел трајно и системско подобрување на состојбата.