|

НОВИ ИНВЕСТИЦИИ И ПРОЕКТИ ВО СОУ ГИМНАЗИЈА „ЈОСИП БРОЗ ТИТО“

Гимназијата „Јосип Броз Тито“ во Битола следната недела ќе го одбележи значајниот јубилеј – 80 години од одржувањето на првиот час на современ македонски јазик во училиштето. По тој повод, училиштето денеска го посети градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски.

Додека наставниот кадар и раководството активно ги подготвуваат програмските содржини за настаните што ќе се реализираат од 2 до 6 февруари, во гимназијата продолжуваат и инвестициите за подобрување на условите за работа и воспитно-образовниот процес.

Директорката Лидија Споа на средбата со градоначалникот направи краток осврт на реализираните проекти во првото полугодие од учебната 2024/2025 година. Таа истакна дека е изработена настрешница и електрична инсталација за летна училница, саниран е партерен ѕид, поставена е нова ограда од ковано железо и гранитни скали. Покрај тоа, училиштето се збогати со нов мебел – работни клупи, шкафчиња, помошни елементи и дигестор за кабинетот по хемија. Набавени се и нагледни средства и ИКТ опрема во вредност од 147.470 денари.

Вкупната инвестиција изнесува 4.406.461 денари и е реализирана со поддршка од Општина Битола и Министерството за образование.

Градоначалникот Коњановски нагласи дека локалната самоуправа останува посветен поддржувач и соработник на училиштето, продолжувајќи да инвестира во подобрување на условите за квалитетно образование на учениците.

Слични Објави