| |

(ВИДЕО)Меѓународна Конференција “Здравствени и социјални услуги во заедницата”

Денес во хотел Кристал Палас во Прилеп се одржа меѓународна конференција на тема „Здравствени и социјални услуги во заедницата“, во организација на Здружението Центар за развој и едукација Прилеп и собра експерти, креатори на политики, даватели на услуги и градоначалници од неколку европски земји.



Настанот беше фокусиран на истражување на практични и скалабилни решенија со цел подобрување на пристапот до социјална и здравствена грижа, како и мобилизирање на заедниците за создавање одржливи модели на поддршка.

На конференцијата се обратија: Градоначалникот на општина Прилеп, Градоначалници од австриските општини Швахенштадт и Хернбаумгартен, Градоначалникот на општина Брезнички Хум од Хрватска, Претставници од Република Албанија и Србија, како и претставници на јавни установи и организации кои обезбедуваат социјални и здравствени услуги. Присутните учесници преку размена на искуства и добри практики придонесоа за појаснување на улогата на локалната самоуправа и граѓанскиот сектор во унапредувањето на домашната нега и социјалната грижа.

„Оваа конференција е можност да научиме едни од други и да изградиме мрежа на соработка што ќе ги унапреди условите за живот на граѓаните, особено најранливите категории“, истакна претседателката Марина Тошеска од Здружението Центар за развој и едукација Прилеп.

Преку Здружението Центар за развој и едукација во општините Прилеп, Долени и Кривогаштани досега се имплементираат 2 услуги „Помош и нега во домот“ и „Медицинска сестра во заедницата“ пилот проекти со кои значително се подобри ситуацијата на овој план кај социјално ранливите граѓани.

Слични Објави