Над 180 спортски клубови и здруженија со финансиска поддршка од Општина Прилеп
Комисијата за финансирање и буџет при Советот на Општина Прилеп ја утврди распределбата на средствата предвидени за спортски клубови, здруженија и фондации за 2026 година. По разгледувањето на пристигнатите апликации по Јавниот повик бр. 01/2026, поддршка ќе добијат повеќе од 180 организации од областа на спортот, културата, образованието и граѓанскиот сектор.
Најголем дел од средствата се насочени кон спортот. Највисок износ од 3,8 милиони денари е предвиден за Ракометниот клуб Прилеп АД, додека Кошаркарскиот клуб „Мега Баскет“ ќе добие 300 илјади денари. Финансиска поддршка добија и Женскиот ракометен клуб „Деспина“, Шаховскиот клуб Прилеп, Пинг-понгарскиот клуб „Младост 96“, како и десетици фудбалски, одбојкарски, велосипедски, боречки и други спортски клубови од Прилеп и населените места.
Во делот на граѓанските организации, средства се распределени за културни, хуманитарни, образовни и социјални проекти. Меѓу нив се Друштвото за наука и уметност Прилеп, кое ќе добие 100 илјади денари, Градскиот дувачки оркестар со 120 илјади денари, како и повеќе здруженија кои работат во областа на културата, младинските политики, социјалната заштита и развојот на локалната заедница.
Комисијата не ги прифати барањата на ФК Победа и КМФ Победа поради некомплетна документација доставена во рамки на јавниот повик.
Во записникот се наведува дека дел од традиционалните културни манифестации, меѓу кои Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“, фестивалот „Пеце Атанасовски“ и „Мариовско-мегленските културни средби“, ќе бидат финансирани преку посебната Програма за култура на Општина Прилеп.
Записникот е усвоен едногласно од членовите на Комисијата и ќе биде доставен до Советот на Општина Прилеп. По неговото усвојување, градоначалникот ќе склучи договори со корисниците на средствата, по што ќе започне исплатата на финансиската поддршка за 2026 година.
Целата листа на следниот линк – https://www.prilep.gov.mk/%c2%a0%c2%a0%c2%a0-z%c2%a0-a%c2%a0-p%c2%a0-i%c2%a0-s%c2%a0-n%c2%a0-i%c2%a0-k-od-odrzhanata-sednica-na-komisijata-za-finansiranje-i-budzet/



